За прием на Украина во ЕУ ќе бидат потребни 15 или 20 години, порачаа од Париз

За влегување на Украина во Европската унија ќе бидат потребни „веројатно 15 или 20 години“, изјави во неделата францускиот министер за европски работи, Клеман Бон, препорачувајќи Киев во меѓувреме да влезе во ткн европската политичка заедница, како што предложи францускиот претседател Емануел Макрон.

„Треба да се биде искрен (…) Ако речеме дека Украина ќе влезе во ЕУ за шест месеци, година или две, лажеме. Тоа не е вистина. Поверојатно за 15 или 20 години, а тоа е многу долг период“, рече министерот Бон за Radio J.

„Не сакаме на Украинците да им се продаваат илузии и лаги. Ако на Украинците им се рече: ‘Добродојдовте во ЕУ, но не сте ги читале добро ситните букви на дното од договорот, а тоа е всушност за 15 години’, мислам дека ќе разочараме цела генерација Украинци. Во меѓувреме, на Украинците им должиме (…) политички проект во кој може да влезат“, додаде Бон.

Европската политичка заедница, којашто ја предложи францускиот претседател Макрон, е „комплементарна на ЕУ“ и „можеме да им понудиме политички и конкретен проект на земјите кои не се во срцето на ЕУ, а сакаат да му се приближат“, додаде.

„Но не значи дека вратата е затворена, напротив, таа е отворена“, толкуваше Бон укажувајќи на предноста како што е „слободното движење по Европа“ и „делумна полза од европскиот буџет за обнова“ на Украина или можеби на заедничката енергетска политика.

Прашањето на забрзаното проширување на Европската унија со Украина, Грузија и Молдавија, во заднината на руската воена интервенција, создада контроверзии и несогласувања во рамките на Унијата, при што се прават споредби со децениските преговори со земјите од западен Балкан или со Турција.

Шефот на укрианската дипломатија Дмитро Кулеба го осуди во четвртокот „третманот од втор ред“ кој доаѓа од „некои престолнини“, кога станува збор за украинската кандидатура за придружување на ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот рече дека не е наклонет на Украина да ѝ се одобри придружување на ЕУ „набрзина“, бидејќи процесот на пристапување „не е работа од неколку месеци или години“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.