За прв пат по 25 години направена трансплантација на бубрези од починат донор

По период од 25 години на Универзитетската клиника за урологија во земјава е направена трансплантација на бубрези кај двајца пациенти од починат донор.

Министерот за здравство како и докторскиот тим, кој што работеше на ова кадаверична трансплантација, упатија голема благодарност до семејството на починатиот донатор кое, како што рекоа, и покрај преголемата тага, овозможија да се спасат два човечки живота.

„Тоа е голем чекор и мислам дека сите во Македонија треба да го следиме овој пример на едно семејство, кое во состојба на голема тага одлучи да помогне на други две семејства“, изјави Тодоров.

Целата процедура, како што рече тој, беше спроведена во согласност со стандардите и постапките пропишани со Евротрансплант, нагласувајќи дека пациентите кои што добијат бубрег ќе имаат повисок квалитет на живот.

Директорот на Клиниката за урологија Михаил Пенев истакна дека  експлантацијата и трансплантацијата почнала во еден часот по полноќ, а во осум утрово интервенцијата била завршена.

„Уролошката клиника располага со две екипи, кои во секој момент може да извршат експлантации и трансплантации на бубрези. Имаме можности, опрема, потрошен материјал, така што ништо не фали да изведеме во секој момент кадаверична трансплантација“, рече Пенев.

Доктор Аспазија Софијанова, која е и национален координатор за трансплантација исткна дека и покрај огромната загуба, семејството на донорот имало разбирање оти со она што ќе го дадат преку својот член ќе значи спасување на два нови живота.