За првите два месеци направен е буџетски дефицит од 70 милиони евра

Целта на оваа прес конференција не е трката по политички поени. Податоците до кој дојдов го вклучуваат црвениот аларм. Државата и економијата се лизга од раце. Постојано сум во комуникација со бизнис фелата, со професори, економисти, стопанственици. Без исклучок велат состојбите се алармантни, изјави на прес-конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој додаде:

„И ова не го говорам од политикански побуди, туку фактогравски со бројки. А тие се немилосрдни. Таа дупка која што тврдат дека е 1 милијарда и 200 милиони евра не е случајно направена. Она што владата нема да го признае, а сега јасно се гледа од податоците, е дека ние сме биле во сериозна финансиска криза дури и пред почетокот на кризата со коронавирусот. Тоа е така затоа што Владата целиот буџет недомаќински го концентрирала кон слевање на пари за изборен поткуп за изборите кој беа димензионирани во месец април.“

Според Мицкоски поради партиски интереси се пристапило кон кревање на расходите во буџетот, без за тоа да се има покритие.

„Се креваа плати за да се корумпираат целни групи, се делеле бунуси, повишоци, вработувања на државна сметка, енормно се зголемува бројот на договорни вработувања, а нема раст кој тоа ќе го покрие. Поради изборите и изборниот поткуп, што би рекол народот ги пуштиле нозете многу повеќе од тоа што ни е долга чергата.“

-За првите два месеци е направен буџетски дефицит од 70 милиони евра. За тоа време е направено ново задолжување од 250 милиони евра за да се покрие ваквата изборна корупција. Не се мислело за до крајот на годината, бидејќи изборите им биле се. Недомаќинското работење доведе до лоша кондиција на буџетот. И таа е уште полоша со финансиската криза предизвикана од Корона пандемијата, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.