Ќутете, добро е. Дуња од ОБСЕ во средината рекла дека нацрт-законот за медиуми бил модерен и по евроатлантски стандарди. Што ќе мисли таа за нацрт-текстот од полноќ до четврток наутро, да сме здрави и живи ќе слушнеме. Зависи кој ќе уфрли париче во џубокс-функционерката и која песна ќе ја избере. Како и да е, јас си се чувствувам слободно до коска од секогаш. Пишувам и говорам тоа што мислам и во што верувам и си ги следам принципите.
Мојата слобода не им ја препуштам на платени бирократи со флексибилни ставови. Не им давам на кариеристи-опортунисти да ми ја кројат судбината. Вредносно поблизок ми е Глен Гринвалд „Гардијан“.
За слободата беше зборот. И за вредносните системи засновани на принципи. Јас богати си мислев дека Македонија не била никогаш британска колонија, дел од големата империја на Норманите, Англите и Саксите. Никогаш дека е членка на комонвелтот, кој се состои од некогашни колонии, а сега држави што ко бајаги сега се суверени и самостојни.
А сум грешела. Видиш ти како сите македонски медиуми слободно, професионално, демократски и умно два дена ни отекуваа јајца за раѓањето на кралското бебе на династијата Виндзор (изворно Хановер). А бре де бре, сега ќе се роди, утре ќе се роди, за малку со војвотката од Кембриџ ќе ни се породеше и нацијата.
Дури и топови со плутони среде Скопје го објавија раѓањето на новиот англиски принц. Сега ги чекам Грчев и евентуално циникот Горан Михајловски да ни се обратат со умотворби и да ни објаснат за македонските ројалистички традиции, а во корелација со настаните што ја произведоа Првата република на Балканот.
Ако можат. Оваа квазиаристократска снобовштина кај скопската „брендирана“ сељачаана од јавниот живот е толку длабоко продрена што веќе формира такаречи вредносен систем. И тој карикатурален, како и следбениците му.
Како, вре, внуците на југокомунизмот, наследниците на црвената буржоазија чии дедовци беа сто насто неписмени сељаци и раја, по брзаа да ги исмеваат церемонијалот и протоколот што ги славеа родендените на Тито, а во живо и со восхит ден-денес ги слават јубилеите на британската кралица. По кој тоа критериум на разни горани и грчеви им е смешен империјалниот ритуал на севернокорејските комунистички наследни владари, а ги воодушевува британскиот? Што е разликата? Во староста на династиите? Во изборот на избраните?
Да не си мисли некој дека има голема и квалитетна разлика меѓу родоначалникот на хановерската (виндзорската) династија и Ким ил Сунг. Или можеби некој си мислел дека има некаква разлика меѓу севернокорејската комунистичка „аристократија“ и оваа во Македонија, која и се здаде на лустрацијата како на ерес.
Во вестите на една од телевизиите во средата, во централниот дневник, имаше вест дека сојузот на борци одржал состанок и остро ја осудил лустрацијата како операција што ги руши темелите на асномска Македонија. Плус борците биле загрижени за растечкиот евроскептицизам?
Ева, ева, што биде бре луѓе? За миг си помислив дека халуцинирам. Ги гледам борците-стогодишници во црни костуми како достоинствено спијат додека енергично ги бранат плодовите од својата партизанска борба и си викам, а бе да не сум го преспала нешто периодот кога другарот Тито ја одби поканата од ЕЕЗ Југославија да се зачлени во таа организација. Да не не сум ги чула борците од Македонија кога го осудиле Маршалот за евроскепса и погрешна политика што ги претпочитала Неврзаните. И оп, натрчувам на Борко Зафировски, сосе неговиот фамозен сонлив поглед.
Дава вредносен суд за лустрацијата како да е гласноговорник на борците или член на здружението. Од вчудовиденост не разбрав што мајка бара Борко во прилогот,па си реков ќе ги слушам следните вести и ќе забележам.
Арно ама веста исчезна. Напросто ја снема. Некој дал директива да се повлече.
Ја немаше никаде, бре! Како да заседавала Це-Ка. Како и да е, јас ем го видов ем го слушнав првоборецот Борко. Тантореше нешто дека лустрацијата се совпаѓала со јубилејот 70 години од АСНОМ и како таква ги рушела асномските столбови на македонската државност.
Ќе бидам безобразна барем колку Зафировски и јавно ќе прашам кој столбови ги бранеше вчера Борко во име на борците? Оти тие не се ни астрономски ни македонски? Изворните илинденски и асномски, брзо по заседанието, беа прогонети по затвори, сигурни заедно со градителите.
Потоа етапно АСНОМ го уриваа тапанари како Фрчко. На крајот, во 2001-та го урнаа политичарите од сите партии заедно со учките и соросоидите. Се си мислам дека од биографијата на Борко Зафировски се гледа кој вредносен систем го бранеше тој во средата и што сака да постигне.
Татко му Митко Зафировски беше назначен од партијата за прв директор на универзитетската библиотека. Тоа сега „модерно“ се нарекува основоположник. Мајка му е Лилјана Манева, познат главатар на идеолошката комисија на ЦК на СДМ и страв и трепет за неподобните скршнувачи од централниот партиски курс.
Синето на овие функционери, сега гледа и борец од НОБ (нешто како македонски лорд по наследство) без оглед на индивидуалните дарби, беше предодредено за високи општествени функции. Оти, нели, нему тоа право природно му припаѓа.
Тоа е извонредната идеологија на СДСМ-северонокрејски аристократска. Така, си беше назначен за директор на МРТВ, па наследно од татко му си стана директор на универзитетската библиотека, па заменик-министер за култура кога министеруваше Слободан Унковски, исто така изданок на водњанската црвена аристократија.
Со два збора – трајна македонска вредност, која како таква не подлежи на историска ревизија и каква било објективна евалуација. Тоа е тој наш макотрпно граден македонски вредносен систем што требало по секоја цена да го зачуваме како темелна ем трајна вредност, оти без него ќе пропаднела државата.
Па таа е пропадната во жива кал токму зашто дозволивме на такви нездрави темели да се гради.
Ќе си кажам слободно: ебате и темелот и државата ако продолжи да ни почива на тие вредности!