За Тачи Германија е незаменлив партнер на Косово

Косовскиот претседател Хашим Тачи присуствува денеска во Париз на погребната церемонија за поранешниот француски претседател Жак Ширак, каде што, меѓу другите, се сретна со претседателот на Германија Франк Валтер Штајнмајер.

Во објава на Фејсбук, покрај сликата со Штајнмајер, Тачи напиша дека Германија за Косово е „незаменлив стратешки партнер“.

– Со мојот пријател, претседателот на Германија Франк Валтер Штајнмајер на погребната церемонија за поранешниот претседател Жак Ширак. Германија е незаменлив стратешки партнер на Косово за јакнењето на евроатлантските перспективи и економскиот развој на Косово, напиша Тачи.

Претходно денеска, исто така на Фејсбук, косовскиот претседател објави дека на погребната церемонија во Париз се сретнал и со поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон.

– Како и секогаш, задоволство ми е да се сретнам со мојот и пријателот на Косово, претседателот Бил Клинтон. Заедно го споменавме претседателот Ширак и нашата заедничка заложба за слобода и независност на Косово, напиша Тачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.