За Тачи, консензусот на Косово е најважен за дијалогот со Србија

Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави денеска дека за него е важно и од витално значење да се обезбеди внатрешен дијалог за продолжување на преговорите меѓу Србија и Косово.

Во текот на состанокот со претседателот на Демократската партија на Албанија Љуљзим Баша, Тачи нагласи дека од витална важност е прашањето за консензус, додавајќи дека исто така е важна координацијата со Вашингтон и Брисел.

– Денеска разговаравме за развојот на Косово и во Албанија, можностите за уште подобра соработка. Косово сака што поскоро да влезе во НАТО и ЕУ, рече Тачи.

Важно е да се постигне најширок можен консензус за европската перспектива, порача косовскиот претседател, пренесува Коха.

– Исто така разговаравме за дијалогот меѓу Косово и Србија. За нас е клучно да имаме институционален консензус на Косово. Од витална важност е да бидеме координирани меѓу Вашингтон и Брисел. Тоа би требало да се заклучи не во техничка смисла, туку поради меѓусебно признавање, рече Тачи.

Прочитајте и…  Турскиот брод „Фатих” почна да бара нафта и гас во Црното Море

Баша изрази поддршка на „доследните ставови“ на претседателот на Косово во поддршка на дијалогот, како и кохезија на политичките сили на Косово.

– Уверен сум дека целосната координација меѓу САД и ЕУ била и ќе остана предуслов за успех, рече Баша.