За Техеран неосновани се американските тврдења за иранското хемиско оружје

Иран во петокот ги негираше имформациите дека наводно ја прекршил меѓународната конвенција, бидејќи не и’ го пријавил своето хемиско оружје на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), оценувајќи ги американските спротивни тврдења како неосновани, објави иранската државна телевизија.

На состанокот во седиштето на OPCW во холандски Хаг во четвртокот, специјалниот претставник на САД во оваа органзиација, Кенет Вард, ја повтори амриканската „загриженост“ дека Иран наводно ја задржал програмата за хемиско оружје коешто не го пријавил.

„Повторно Америка изнесе неосновани лаги против Иран… коишто силно ги отфрламе“, изјавил портпролот на иранското министерство за надворешни работи Бахрам Касеми, во извештајот на државната телевизија.

Целта на Вашингтон, рекол Касеми, е да се пренасочи вниманието на меѓународната јавност од својата континуирана поддршка на израелскиот хемиски арселнал.

Израел ниту потврди, ниту демантираше дека поседува хемиско оружје за масовно уништување. Оваа земја ја има потпишано Конвенцијата за хемиско оружје во 1993 година, но се’ уште не ја ратификуваше.

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран повторно се зголемија откако во мај годинава американскиот претседател Доналд Трамп ги изнесе САД од меѓународниот нуклеарен договор кој Иран и шесте светски сили ги потпишаа во 2015 година и повторно воведе санкции против иранскиот нафтен и финансиски сектор.