За Трамп Германците се „многу лоши“, Јункер го правда со преводот

© AP Photo / Evan Vucci

Американскиот претседател Доналд Трамп ја нападнал Германија и нејзиното продавање автомобили во САД на средбата во четвртокот со челниците на Европската унија, објави онлајн изданието на неделникот Der Spiegel.

„Германците се лоши, многу лоши“, рекол според информацијата американскиот претседател Доналд Трамп со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на Европскиот совет Доналд Туск и со другите високи функционери на ЕУ во Брисел.

„Погледајте ги милионите автомобили кои ги продаваат во САД. Страшно. Тоа ќе го преинеме“, рекол Трамп според „учесници на средбата“, појаснува Der Spiegel.

Јункер тогаш интервенирал, според истиот извор, и „решително“ застанал во одбрана на Германија, тврдејќи дека слободната размена е во ползата на сите.

Ниту кабинетот на германската канцеларка ниту Белата куќа засега не го коментираа пишувањето на Der Spiegel. Ангела Меркел и Доналд Трамп треба да се сретнат во петокот на самитот на Г7 во Таормина, на Сицилија.

Во петокот претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер го правдаше со „тешкотии“ во преводот и ја негирал „агресивноста“ во изјавата на американскиот претседател во однос на трговскиот биланс со Германија.

„Доколку исправно разбирам, станува збор за истекување во медиумите, и јас не сакам да бидам дел од таквата политичка култура“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на прес-конференцијата во петокот во италијанскиот град Таормина, одговарајќи на прашање на новинарите.

„Јас, исто така, не сакам да коментирам, но морам. Со претседателот Трамп имавме многу пријателски и коструктивен разговор. Не е точно дека тој агресивно се постави по прашањето за трговскиот суфицит на Германија“, рече од своја страна Јункер на Сицијлија непосредно пред почетокот на самитот на седумте најразвиени земји.

„Сметам навистина дека тоа е поврзано со преводот. Доколку некој рече ‘Германците се лоши’, тоа не мора да се преведе буквално… тој апсолутно не беше агресивен“, истакна челникот на Европската комисија.

Според него, без оглед на ситуацијата во германската економија, ЕУ не е должна да ги споредува трговските биланси на секоја земја членка, туку да ги спореди показателите за севкупниот светски и европски економски раст.