За Трамп воена акција против Пјонгјанг не е првиот избор, Кси повикува на дијалог

Воена акција против Северна Кореја не е првиот избор на администрацијата, иако не е исклучена, изјави во средата американскиот претседател Донадл Трамп по разговорот со кинескиот колега по должност Кси Џинпинг кој повторно повика на денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

По телефонскиот разговор со кинескиот претседател Кси Џинпинг за кризата на Корејскиот полуостров по последната, шеста и најмоќна нуклеарна проба на Северна Кореја, американскиот челник Доналд Трамп не ја исклучи целосно идејата за воен удар.

„Ќе видиме како настаните ќе се развиваат“, изјави Трамп од што може да се насети дека прво ќе бидат разгледувани други начини за да се натера Северна Кореја да ги почитува барањата на меѓународната заедница.

Изјавата на Трамп укажува на одредено ретерирање во однос на претходните изјави која на Северна Кореја ѝ се закани со „оган и гнев“ доколку продолжи со ракетните и нуклеарните тестирања.

Кинескиот челник го потсетил американскиот колега дека Пекинг сака да го реши севернокорејското нуклеарно прашање со преговори за да се постигне мировно решение, извести во средата службената кинеска новинска агенција Xinhua.

Во телефонскиот разговор Кси, исто така, рекол дека Кина и натаму е ангажирана за денуклеаризација на Северна Кореја, но и на целиот Корејски полуостров.

Трамп претходно се закани дека ќе ги прекине трговските врски со земјите коишто тргуваат со Северна Кореја, што се смета за индиректна закана за Кина, којашто е единствениот политички сојузник и најголем трговски партнер на Северна Кореја, но во средата по разговорот со Кси беше поумерен во изјавите.

„Верувам дека претседателот Кси со мене е 100-процентно согласен. Тој не сака тоа таму да се случува. Имавме многу отворен и силен разговор“, изјави Трамп.

Кси изјави дека Кина инсистира на продолжување на меѓународниот договор за неширање на нуклеарното оружје, на мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и на решавање на нуклеарниот проблем преку преговори, наведува агенцијата.

Кинескиот претседател рекол дека општата ориентација би требала да оди во насока на мирно решавање на проблемот и додал дека дијалогот покрај глобалните мерки е најдобриот начин за барање долгорочно решение, додава агенцијата Xinhua.

САД подготвуваат нов сет санкции против Северна Кореја за кои би требало да се гласа во Обединетите нации и имаат намера следната седмица да ја претстават на состанокот на Советот за безбедност при свеската организација.