За три дена околу 10.000 мигранти транзитирале низ Македонија

Поради напливот на мигранти кои пристигнуваат во прифатниот камп на нашата јужна граница, изминативе два-три дена интензивиран е превозот на мигрантите од Гевгелија кон Табановце.

Од железничката станица во Гевгелија соопштија дека во изминатово деноноќие со четири специјални возови од Гевгелија за Табановце се превезени околу 2.500 мигранти. Утрово од Гевгелија за Табановце замина уште еден воз со околу 600 мигранти, но железничарите велат дека на станицата во Гевгелија имаат подготвено уште два воза кои чекаат на утовар во текот на денот.

Според оценките на УНХЦР, изминативе два до три дена од јужната кон северната граница низ земјава транзитирале вкупно 10.000 мигранти, од кои најмногу околу 6.000 биле регистрирани во понеделникот.

Според оценките на УНХЦР, изминативе два месеци низ земјава транзитирале околу 60.000 мигранти на својот пат кон саканата дестинација.

Превозот на мигрантите и утрово се одвива интензивно, претежно со автобуси и такси-возила. Утрово од Гевгелија кон Табановце заминаа 30-ина автобуси и исто толку такси-возила кои превезуваат повеќе од 2.500 мигранти. Организираниот превоз засега се одвива нормално и без некои посебни потешкотии

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.