9.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

За три месеци над 15 илјади лица загубиле работа

Над 15 илјади работни места се изгубени за три месеци, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Според податоците на крајот на мај регистрани се вкупно 121 187 невработени лица, што е повеќе за 15 371 граѓани во однос на февруари годинава, пред почеток на Корона кризата.

Во март пак, кога поголем дел од секторите  се затворија со цел спречување на ширењето на заразата, бројката рипнала за близу 2 илјади, а трендот на пораст продолжил и во наредните месеци. Растот е најголем во месец април кога како невработени се пријавиле плус над 7 илјади граѓани.

А, очекувањата на бизнис секторот се уште попесимистички. Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата за Канал 5 вели дека – анкетите им покажале дека на околу 40 до 50 илјади граѓани работното место им виси на конец поради Корона кризата.

„И еден друг податок околу 40те илјади работи места е дека во овој период до три месеци е фрапантен податок дека се изгубени работни часови еквивалентни на 85 илјади работни места и тоа значи дека навистина имаме стагнирање во економијата, економските активности и може да влијае на секторите“- Миле Бошков.

Економијата сега трпи удари, но закрепнувањето ќе биде уште потешко, вели Бошков. Работните места, како и целата економија ќе се зачуваат само доколку финансиската помош од Владата продолжи и по периодот на кризата.

„Навистина се под ризик 40 до 50 илјади работни места, а што се однесува до  мерките и што се однесува до помошта треба да биде директно од Владата, но меѓутоа трерба да биде директно и во комуникација со бизнис заедницата и со синдикатите и тоа да се изнаоѓаат мерки кои можат да помогнат да се задржат работни места, меѓутоа исто така и флексибилно да се управуваат“- Миле Бошков.

Барања за продолжување на важењето на мерките побараа повеќе бизнисмени и стопански комори. Владата остави можност помошта да продолжи, но засега нема најави кога и како тоа би се случило.

НЕВРАБОТЕНИ:

Февруари  =  105 816

Март + 1 916 невработени = 107 732

Април + 7 030 невработени = 114 762

Мај + 6 425 невработени = 121 187