За убиството на Кашоги се предлага истрага против саудискиот принц

Постојат сериозни докази дека саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, и други високи функционери се лично одговорни за убиството на новинарот Џамал Кашоги, објави во средата експертката за човекови права на Обединетите нации.

Во извештајот на специјалната известителка на ОН, Агнес Каламард, се наведува дека на основа на овие докази би требало да се покрене непристрасна меѓународна истрага.

Новинарот Џамал Кашоги, кој живееше и работеше во егзил во САД, бил убиен од саудиски агенти во саудискиот конзулат во Истанбул на 2-ри октомври минатата 2018 година. Властите во Ријад се упорни во тврдењето дека убијците не дејствувале по налог на принцот Мохамед бин Салман.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Анкара „силно го поддржува“ апелот на ОН да се испита улогата на саудискиот принц и на другите саудиски функционери во убиството на дисидентскиот новинар и колумнист на The Washington Post.

„Силно го поддржуваме советот на ОН да се расветли убиството на Кашоги и одговорните за тоа да одговараат пред лицето на правдата“, вели Чавушоглу во изјава којашто ја пренесува агенцијата Anadolu.

Вереницата на Кашоги, за свадба со која тој влегол во саудискиот конзулат во Истанбул, исто така, го поздрави извештајот на Кашоги како „добредојдена“ вест.

„Повикот на специјалната известителка на ОН да се испита МБС (иницијалите на саудискиот принц – з.р.) поради убиството на мојот сакан Џамал е добредојдена вест. Сега е време членките на Советот за безбедност при ОН да дејствуваат врз основа на оваа препорака. Правдата мора да биде задоволена и вистината да биде откриена. Веродостојни докази“, напиша Хатиџе Ченгиз во средата на Twitter.

Специјалната известителка на ОН за произволното убиство на Кашоги, Калимард, оценува во извештајот дека случајот на саудискиот новинар мора да биде согледан во контекстот на притворањето и мачењето на други новинари и активисти последните години.

„Престолонаследникот, најблаго речено, одобрувал такво однесување и дозволување повторување и ескалација на таквите злосторства. Престолонаследникот свесно го преземал ризикот да бидат сторени други злосторства, како што е убиството на Кашоги, без разлика дали тој директно или не го наредил ова специфично злосторство“, тврди во извештајот Каламард.

Таа неведува и дека секој експерт кој разговарал со неа во подготовката на извештајот рекол дека принцот Мохамед бин Салман би морало барем да знае за „операцијата Кашоги“, бидејќи таа барала значителна владина координација и ресурси. Додава дека престонаследникот открил дека го следел случајот во телевизиското интервју коешто го дал набрзо по убиството, но пред злосторството да биде потврдено. Уништувањето на доказите, исто така, не би било можно без негово знаење, заклучува Калимард.

Барањето правда во овој случај не е првенствено работа на „пронаоѓање на пиштолот кој се чади и лицето коешто го држи“. Станува збор за оние кои ја „злоупотребиле или не ја исполниле должноста којашто им ја налага нивната позиција во власта“ во контекстот на нарачка на убиството.

Каламард смета дека државите би требало во овој случај да се повикаат на универзалната јурисдикција, што значи дека на осомничените би можело да им се суди и надвор од Турција и од Саудиска Арабија. Истакнува дека нејзината истрага покажала дека ниедна од овие две земји досега во овој случај не ги почитувала меѓународните стандарди.

И Анкара и Ријад ангажираа експерти да го испитаат местото на убиството дури по две седмици откако тоа се случило, а турските службеници имале само шест часа да ја завршат својата работа на територијата на истанбулскиот конзулат на Саудиска Арабија. Не се пронајдени траги од крв, што според Каламард укажува на тоа дека убиството или било планирани и дека биле преземени мерки да се спречи ширење на телесните течности или дека доказите се отстранети.

Турските истражители не можеле да ја пребараат доволно рано резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул и не го интервјуирале, критикува Калимард. Покрај тоа, известителката на ОН го повикува генералниот секретар на светската организација да покрене „кривична истрага“ против сторители на ова убиство и да се воспостави судски механизам.

Саудиска Арабија започна со судски сослушувања на 11 обвинети од разунавачките служби за убиството на новинарот Кашоги, од кои на петмина им се заканува смртна казна. Каламард извештајот ќе го претстави на редовната седница на Советот за човекови права при ОН која започнува оваа седмица во Женева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.