За викендот врнежи, од понеделник повторно стабилизирање на времето

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека утре попладне, во вечерните часови и задутре земјава ќе биде зафатена од влажна воздужна маса, поради што се очекуваат врнежи. Врнежите ќе бидат пообилни во недела.

-Утре во текот на денот облачноста ќе се зголеми, попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, а ќе има и услови за ретки грмежи. Во недела под влијание на влажна и постудена воздушна маса врнежите ќе бидат пообилни, над 20 литри на метар квадратен, и на планините и на некои повисоки места ќе бидат од снег, соопшти УХРМ.

За време на викендот ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер и дневната температура од недела зачително ќе опадне за повеќе од 10 степени.

Од понеделник ќе настапи стабилизирање на времето.