За Владата нема причини за нова вонредна состојба

Вонредната состојба прогласена за поефикасно справување со епидемијата од коронавирусот најверојатно ќе заврши на 14-ти јуни и нема да има нејзино продолжување.

Нема причини и потреба да се бара нова вонредна состојба, ценат од Владата и покрај тоа што бројката на новозаболени во изминатите недела дена е троцифрена, а здравствените власти предлагаат повторно воведување на полициски час.

„Согласно проценките, во моментов не постојат причини и потреби за продолжување на вонредната состојба. Имајќи предвид дека здравствениот систем е подготвен за периодот којшто претстои, економските мерки се целосно уредени и во фаза на имплементација, а за евентуални нови рестрикции во иднина вонредна состојба не е потребна“, велат од владина прес служба.

Сепак, официјалната одлука за тоа дали до претседателот на државата, Стево Пендаровски ќе биде испратен предлог за вонредна состојба ќе се донесе во наредните денови пред истекот на актуелната вонредна на 14-ти јуни.

Ваквиот став на Владата повторно во прв план ги вади разговорите за датумот за избори кои во изминатиот период се водеа неуспешно и без конечен договор. Во СДСМ и покрај поразителните бројки на заразени со коронавирусот инсистираат изборите да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.

„Доколку вонредната состојба заврши на 14-ти јуни изборниот ден е петти јули“, вели протпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Од ВМРО ДПМНЕ предупредуваат дека одењето на избори со ваква статистика на болни од ковид-19 значи ризик од трет пик на епидемијата во вирусот.

„Во однос на ставот за избори тој е сосема познат и јасно искажан во јавноста. Навистина е лудост во моменти кога имаме трицифрени бројки на новозаразени Заев да инсистира и да зборува за избори, тоа е нашиот став“, вели Иванка Василевска, член нa Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Покрај партиските ставови, за изборниот ден важно ќе биде и оценката на Државната изборна комисија дали ќе има доволно време за да се подготви за одржување на изборите. Досега, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски беше на став дека ќе бидат потребни најмалку 50 дена за завршување на сите неопходни изборни активности.