За влез во Македонија ПЦР тест за ковид-19 не постар од три дена

Владата на денешната седница ја измени и дополни Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои.

– Со новите промени доколку лицата кои влегуваат на територијата на Македонија приложат ПЦР тест за коронавирусот ковид-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Македонија, наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација, соопшти владата.

Задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.