За ВМРО-ДПМНЕ инцидентот во „Александар Палас“ е одраз на неспособноста на власта да ја гарантира безбедноста на граѓаните

Криминалците можат слободно и буквално меѓусебно да се пресметуваат на јавни места и притоа да има и невини жртви како резултат на незнаењето или несакањето да се стави ред во ачувување на безбедноста и мирот на нашите граѓани, рече во неделата членот на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарски прашања во врска со синоќешниот вооружен инцидент меѓу две групи во скопски хотел.

Доцна синоќа се случи вооружена престрелка во познатиот скопски хотел Александар Палас.Вооружена група со автоматски пушки изврши напад и во хотелот, каде според информациите се наоѓал и еден полициски службеник кој возвратил на оганот. Групата кој го изврши нападот според Алсат-М телевизија е добро позната на полицијата, а трагите водат кон селата Арачиново и Грчец.

На денешната прес-конференција посветена на скандалот за прислушувањето на телефонската централа на Основното јавно обвинителство за што и по една година нема никакви резултати, Ѓорѓиевски беше прашан за овие случувања.

„Од она што беше објавено како информација до граѓаните од МВР, мислам пред половина час се виде една добро позната фраза на МВР и на Оливер Спасовски, а тоа е дека ќе се работи на разоткривање на сторителите и деталите поврзани со овој случај. И како и обично претпоставуваме дека ништо нема да се дознае, ниту да се расчисти, како и за сите останати случаи наназад. Тоа говори за спрегата на Оливер Спасовски и МВР и ставањето директно во функција на МВР во функција на криминалот и криминалците во нашата земја. Секаде во светот, буквално секаде во светот, во секоја држава има мафија само овде во Република Македонија мафијата има своја држава. Затоа има еден број, еден куп на нерасчистени убиства во државата, затоа има криминал на ниво на кое што има, затоа има страв и паника кај граѓаните. Но нека не очајуваат македонските граѓани ние ќе бидеме по формирањето на новата влада вистински партнер на граѓаните, ќе бидеме целосно ставени во функција на граѓаните и ќе бидеме тука за да го зачуваме редот и мирот на нашата држава и нашите граѓани“, одговори Ѓорѓиевски.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека споменатиот инцидентет е одраз на безредието и хаосот, а во прв ред отсуството на желба да се стави ред во озигурувањето на безбедноста на граѓаните од страна на надлежните институции, во прв ред Министереството за надворешни работи

„Безредие и хаос, како и сѐ останато. Криминалците можеа слободно и буквално да ја земаат правдата во свои раце, слободно меѓусебно да се расчистуваат и пресметуваат. Може притоа жртви да има невини граѓани. Полицијата како и обично спие односно не постапува, тоа не е забелешка кон обичните полицајци, тоа не е забелешка кон оние луѓе коишто се вистински професионалци и чесно го заработуваат лебот во таа служба. Но тоа е забелешка кон оние што ја водат таа структура. Оние коишто не можат да ја дадат, не знаат да ја дадат или, пак, не сакаат да дадат насока за постапување по однос на зачувување на безбедноста и мирот на нашите граѓани“, одговори Ѓоѓиевски замолен за коментар за пукањето во познатиот скопски хотел.