За вториот круг акредитирани 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи

За вториот круг од Локалните избори во Македонија којшто се одржува во неделата, Државната изборна комисија (ДИК) акредитираше дополнителен број набљудувачи и новинари или 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари.

Од домашните најголем број набљудувачи има МОСТ – 2.917, потоа Здружението на граѓани ЗХА „Синергија“ – Штип 1.829, Цивил – Центар за слобода 207, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид – Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје – ЦРИС Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој – шест набљудувачи.

Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 289, потоа Амбасадата на САД во Македонија 35, Делегацијата на ЕУ 23, Меѓународниот студиски центар за избори (ИЕСЦ) 18…

Набљудувачи имаат акредитирано и Канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Холандија, Италија, Словачка, Државна изборна комисија на Црна Гора, Централните изборни комисии на Косово и на Бугарија и Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) – Канцеларија во Република Македонија.

Во ДИК се акредитирани и 315 преведувачи.

За вториот круг од изборите акредитирани се и дваесет новинари – од Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка, Агенција за вести – Косова Пресс, Руска информативна агенција ТАСС, Унгарската државна телевизија, Асошиетед Прес и ТВ Коха Висион – Приштина.

Во првиот круг од локалните избори, кој се одржа на 15-ти октомври, беа акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, како и шест странски новинари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.