За Заев тоа што Богоевски купувал дрога е лична работа

Премиерот Зоран Заев нема да бара повлекување од пратеникот Павле Богоевски кој самиот призна дека незаконски набавувал наркотични средства.

Заев смета дека тоа што Богоевски го правел во приватниот живот не влијаело врз извршувањето на неговата јавна функција и поради тоа е негово лично право како ќе се однесува.

„Јас сум транспарентен човек секогаш сум повикувал на одговорност, сум разрешил луѓе, директори…Сега зборувам за нови промени. Она кое што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција за мене е негово лично право како се однесува. Затоа и мојата политичка партија соопшти дека тоа е негово лично право, негова лична одговорност и етичко однесување. Неговото работење во Парламентот е успешно. Тој е еден од активните учесници во Парламентот и учествува во комисиите. Каква и политичка одлука да донесе ќе ја почитувам“, изјави Заев денеска од Виена.

Според Заев, пратеникот се обидел да набави лек за сестрата и додава дека каква одлука да донесе Богоевски ќе ја почитува.

 

„Направил обид за да набави лек за својата сестра, не сум имал можност да се видиме, но ќе се видиме. Треба да биде еднаков како сите, но се пријави и самиот и го пријави и таксистот. Јавно настапи и транспарентно, не го бранам, но како што се зборува за сите така и за него“, рече Заев.

Обвинителството ќе го бара таксистот што го снимил Богоевски

Скопското јавно обвинителство по известувањето добиено од Министерството за внатрешни работи за пријавата од Богоевски за неовластено снимање нареди да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотичната дрога и преку меѓународни инструменти ќе проверува кој е сопственикот на профилот на Youtube и на руската социјална мрежа Vkontakte.

 

 

По приемот на ова известување од страна на надлежен јавен обвинител веднаш било изготвено барање за доставување податоци до Youtube кои се однесуваат на комплетни логови за наведениот профил, ИП адреси користени за пристапување и најавување на тој профил, како и ИП адреса од која е креиран профилот.

„До МВР е доставена Наредба за да бидат направени проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот кој наводно извршил снимање на разговорот, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и за кое лице била нарачувана. Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи ќе треба да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа vkontakte“, се наведува во соопштението од ОЈО за случајот на Павле Богоевски.

Од ОЈО, информираат дека доколку се утврди идентитетот на сторителот и се обезбедат законити докази, МВР треба да поднесе кривична пријава до Обвинителството.