За Зеленски примирјето на боиштето не е опција за Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави во вторникот дека Киев нема да се задоволи со примирје на боиштето, како и дека целта му е да ја врати контролата над територијата која ја окупирала Русија, но изрази и подготвеност за мировни преговори со Москва.

„Веќе изгубивме премногу луѓе за да можеме едноставно да отстапиме своја територија“, изјави Зеленски преку видое-врска на настан кој го организираше Financial Times.

Додаде дека примирјето „не е опција“ за Киев. „Мораме да постигнеме целосна деокупација на целата наша територија“, порача украинскиот претседател.

Киев претходно седмицава објави дека руските сили сега под контрола држат околу 20 отсто од украинската територија.

„Никого нема да понижиме, ние ќе возвратиме со иста мерка“, одговори Зеленски запрашан за изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека „не би требало да се понижи“ Русија за да остане отворена вратата за дипломатско решение.

Украина се надева дека западните испораки на оружје со долг дострел, меѓу кои и американските самоодни хаубици HIMARS и британскиот артилериски систем М270, ќе ѝ помогнат во потиснувањето на руските сили. Но западните сојузници стравуваат дека Киев би можел да ги користи таквите оружја за гаѓање цели на руска територија, што би придонело за непосакувана жестока ескалација и до тотална војна меѓу двете земји.

Зеленски, исто така, рече дека е „многу среќен“ што британскиот премиер Борис Џонсон, еден од најголемите сојузници на Киев против Русија во понеделникот го преживеа гласањето за доверба поднесено од пратениците на неговата Конзервативна партија.

Во продолжение Зеленски повторно ја истакна својата подготвеност за директни мировни преговори со рускиот претседател Владимир Путин, пренесе во извештајот FT и додаде дека украинскиот претседател повторно го повикал Западот да обезбеди дополнителна воена помош за Украина.