Забавувањето на глобалната трговија е закана за светската економија

Глобалната трговска размена пораснала во првото тримесечје од годината со најбавното темпо во последните девет години, извести во вторникот Светската трговска организација (СТО – WTO), предупредувајќи дека е неопходно да се стивнат трговските тензии за да се спречи забавувањето на економските активности.

Индексот на СТО за изгледите за трговијата во првиот квартал од 2019 година паднал на 93,6 бода, најниското ниво од март 2010 година, сигнализирајќи продолжување на трендот на потклекнување од крајот на 2018 година. Вредностите на овој индекс пониски од 100 бодови навестуваат послаб раст на трговијата во однос на трендот од претходниот период.

„Кинтинуираното губење на залетот укажува на потребата на итно намалување на трговските напнатости за да се избегне забавувањето на еконмските активности“, порачуваат од СТО.

Во структурата на индексот на СТО најмногу ослабел показателот за трговија со електронските компоненти, за 12,9 бодови во однос на истиот период минатата година. Изразено на годишно ниво е намален и иднексот кој ги следи производството и трговијата со автомобили, за 10,3 бода, одразувајќи ги проблемите во секторот поради воведените построги тестови за емисиите на штетните гасови. Намалени се и извозните нарачки, искажани во падот на индексот на годишно ниво за 7,9 бодови, најавувајќи натамошно слабеење на трговијата во претстојниот период.

„Истовременото намалување на повеќето показатели би требало да го сврти вниманието на функционерите на заканата од почувствително забавување доколку актуелните трговски тензии не бидат надминати“, истакнуваат од СТО.

САД минатата година отворија трговски судир со драстичното зголемување на царините на увозот на челик и алуминиум. Следеше зголемување на царините на увозот од Кина, на што Пекинг возврати со иста мера и се стаса до намети за стоки во вредност од повеќе стотици милијарди долари. Двете страни сега преговараат за да избегнат нов круг од царини кои според најавите од Вашингтон би можеле да стапат на сила од почетокот на март.