Заболен од ковид-19 бил вратен од ГОБ „8 Септември“ бидејќи било викенд!?

Скопјанец (40) бил избркан од ковид амбулантата на ГОБ „8 Септември“ бидејќи побарал да биде прегледан за време на викенд. Пациентот позитивен на Ковид 19, со отежнато дишење и болка во градите лекарска помош побарал во најголемата скопска болница – не го примиле бидејќи било сабота. Му рекле да се врати од понеделник, објави ТВ Алфа.

„Луѓето што беа пред врата ги прашувам дали е ова 8 Септември ковид центарот? Ми рекоа да ама не влегувај за џабе никого на примаат. Не ги послушав и влегов внатре. Никој нејќеше ни внимание да ми обрати. Ми рекоа дека за викенд не работеле и не примале пациенти. Болеста не знае дали е викенд или не. Јас отидов во сабота бидејќи тогаш ми се влоши ситуацијата. И сега уште ми е лошо, не можам да дишам“, сведочи скопјанецот Илија, пациент позитивен на Ковид -19.

Тој потоа отишол на Инфективна каде што го прегледале и го пратиле дома.

Докторите интернисти кои се ангажирани за лекување на пациентите со корона вирус се преморени. Тие јавно побараа нивните колеги од другите специјалности да се вклучат во работата на ковид одделот.

Министерот Венко Филипче, пак, тврди дека ниту еден пациент со корна вирус не бил вратен од болница.

Ова не е прв случај пациенти да се жалат оти биле вратени од болница. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат искуства на ковид позитивни пациенти кои со часови чекале пред ковид амбулантите и молеле да бидат прегледани. Некои од нив дури ни по 8 часа чекање, не успеале да добијат лекарска помош.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.