Забрана за камиони на Барбарос, Стража, Пресека, Ѓавато и на патниот правец Маврово-Дебар

Поради интензивни врнежи од снег, забрана за движење за тешки товарни возила има на планинските премини Барбарос, Стража, Пресека, Ѓавато и на патниот правец крак Маврово-Дебар, информираат од АМСМ.

Од 12 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато на патниот правец Битола – Ресен, информира АМСМ.

Претходно, АМСМ извести за нормализирање на сообраќајот за тешки тешки товарни возила на планинскиот премин Плетвар.

Забрана за сообраќај за тешки товарни возила поради интензивни врнежи од снег, утрово во 10:45 часот е воведена на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека, а од шест часот и на планинскиот премин Стража.

Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива, по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, Маврово, Кула, Крушево, Крива Паланка – ГП Деве Баир и на планинските премини Стража, Ѓавато и Пресека.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

За македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб.