Забрана за жителите на Вухан да го напуштаат градот по зголемениот број мртви од коронавирусот

Кинеските власти воведуваат привремена забрана за жителите на градот Вухан да го напуштаат градот поради ширењето на новиот вид коронавирус, откако претходно во средата беше објавено дека бројот на починатите од вопсление на белите дробови како последица со инфекција од овој вид вирус се зголемил на 17 за последните 24 часа.

„Властите (на Вухан) го запираат движењето на автобусите и метрото во градот, поаѓањата од железничките станици и аеродромите се запираат од 10 часот во четвртокот (3 часот по македонско време) поради растечката епидемија на коронавирусот“, објави локалниот весник Global Times на својот акаунт на Twitter.

Бројот на населението на Вухан, кој се наоѓа во централната провинција Хубеи, е околу 11 милиони.

Кон крајот на декември кинеските власти соопштија за појава на пневмонија од непознато потекло во градот Вухан. Првите случаи беа поврзувани со локалниот пазар за морска храна. Експертите набрзо утврдија дека причинител на заболувањето е новиот тип коронавирус, означен како 2019-nCoV. Кинеските здравствени власти официјално потврдија дека вирусот се пренесува од човек на човек.

Вирусот веќе се прошири надвор од границите на Кина, пријавени се случаи во Јужна Кореја, Јапонија, САД и Тајланд, а случаи кои се сомнителни на инфекцијата се регистрирани во Хонгконг, Сингапур и Австралија.