Забраната за транспорт на руската нафта веќе не е дел од шестиот пакет санкции на ЕУ

Забраната за транспорт на руската нафта повеќе не е вклучена во шестиот пакет санкции на Европската унија против Русија поради нејзината воена операција во Украина, објави во вторникот службената германска новинска агенција DPA, повикувајќи се на дипломатски извори од Унијата.

Според соговорниците на агенцијата, за носење на одлуката за вклучување на ембаргото во новиот пакет антируски санкции, потребна е дополнителна координација на меѓународно ниво, вклучително и договор во рамките на Групата седум најразвиени земји (Г7). Притоа  се укажува дека Грција, Кипар и Малта, меѓу другите, се спротиставуваат на мерката бидејќи стравуваат дека таа еднострано би можела да им наштети на нивните бродски компании.

Сепак, според дипломатските извори, забраната за европските компании да обезбедуваат нафтени танкери кои ќе превезуваат руска нафта сѐ уште е дел од планираните санкции против Русија. Тоа би можело да го попречи снабдувањето со нафта од Русија во трети земји.

Наредните денови, како што пишува DPA, се планира водео-конференција со регионалните партнери за прашањето со забраната на испораките на руската нафта, но точниот датум сѐ уште не е одреден. Дипломатски извори рекле дека санкциите веројатно нема да бидат на дневниот ред на следниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во среда, бидејќи ќе се чека напредок во преговорите со земјите коишто особено ќе бидат погодени со нафтеното ембарго.

Минатата седмица претставниците на 27-те земји членки дискутираа за предлогот на Европската комисија за шестиот пакет антируски санкции, но не беше постигнат консензус. Според првичниот предлог, претставен од Комисијата во средата, компаниите од ЕУ ќе мора да престанат да нудат услуги за превоз, посредување, осигурување и финансирање на транспорт на руска нафта низ целиот свет за еден месец. Потоа Комисијата предложи тримесечно одложување на воведувањето на забраната за транспорт на руската нафта и помош за најзасегнатите земји со средства и инвестиции од буџетот на ЕУ за развој на нафтената инфраструктура за да им се овозможи замена на руската нафта.