Забранете го членувањето во Управните одбори, а не продавањето на тезга

106

Пензионерите, вработените и лицата кои имаат некаков хонорар нема да можат да продаваат на тезгите на зелените пазри од Нова година, според  новите измени во Законот за трговија на зелените пазари.

Партијата Левица, во однос на овие законски измени упати остра реакција, во која се наведува дека станува збор за срамен, противуставен и скандалозен закон кој е насочен исклучиво против класните интереси на најсиромашниот слој од населението, кое се обидува да преживее заработувајќи скромен дополнителен приход продавајќи земјоделски производи на пазарџиските тезги.

„Законот е крајно дискриминирачки затоа што забранува пензионери, социјалци, стечајци и хонорарци истовремено да можат да бидат и продавачи на пазар – токму оние на кои пензиите, социјалната помош или отпремнините кои ги добиваат им се толку мизерни што не можат да си ги покријат и најосновните трошоци за нормален живот и издржување на своето семејство.

Додека во државава не е спорно едни исти луѓе да бидат членови на повеќе управни или надзорни одбори, напикани од партиските комисии – овие сиромашни луѓе, кои чесно си го заработуваат парчето леб, по Нова година одеднаш ќе станат криминалци и ќе имаат правен третман на илегални трговци, само затоа што на владејачките буржоаски партии им текнало да ги штитат интересите на големите маркети и на т.н. Зелена мафија од Кванташки пазар.

Левица најавува дека ќе ги искористи сите правни и вонправни инструменти да го спречи влегувањето во сила на овој крајно штетен Закон. Притоа, јавно го повикуваме Министерството за економија – по итна постапка – до Собранието на РМ да предложи мораториум, т.е. одлагање на примената на овој закон за најмалку една година.

Паралелно со ова, го повикуваме и Уставниот суд на РМ, по службена должност, да донесе времена мерка за стопирање на примената на овој скандалозен закон, кој е насочен исклучиво кон најсиромашните слоеви од народот и го загрозува социјалниот карактер на Републиката. Доколку тоа не се случи, нашиот правен тим дополнително ќе поднесе иницијатива за оспорување на уставноста на Законот, со барање за негово укинување“, стои во реакцијата на Левица.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера посочи дека нема простор за одлагање на законот, но им вети на пазарџиите дека доколку најдат заедничко решение за измени во законот, тие би се случиле во текот на следниот период.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.