Зад кое име ќе застанат Заев и Ахмети?

По денешниот конечен договор за заеднички настап на претседателските избори и поддршка на еден т.н. консензуален кандидат, коалициските партнери Зоран Заев и Али Ахмети останува да го договорат името на кандидатот.

Првиот човек на Интегративците по средбата со Заев во Собранието вечерва одговарајќи на новинарските прашања рече дека кандидатот ќе се бара меѓу оние имиња кои веќе се споменуваат во јавноста, но одби да издвои некој од посочените. Двајцата лидери на средбата, како што се дознава неофицијално, ги разговарале четвроицата потенцијални кандидати – Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски и Никола Димитров.

Веќе е познато дека на анкетите што ги нарача СДСМ во изминатиот период оваа четврока добила најголема поддршка од испитаниците. Според извори од СДСМ, сепак во потесен избор за кандидат за шеф на државата влегуваат Димитров и Пендаровски.

Познавачи и партиски извори велат ако Ахмети и Заев прават избор меѓу актуелниот шеф на дипломатијата и националниот координатор за НАТО, одлуката ќе падне на првиот бидејќи ужива голема поддршка од меѓународната заедница.

Заев и Ахмети најавија дека името на нивниот фаворит за изборите ќе го обелоденат в петок. Неговата номинација ќе биде потврдена на Конгрес на СДСМ в недела 3-ти март.