Зад параванот сте сами, гласајте по своја волја и не дозволувајте никој да ве заплаши!

Мицкоски до администрацијата, војската и земјоделците

За време на вчерашниот митинг се обрати претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги административците, земјоделците и припадниците на армијата да не се плашат бидејќи досега не добија ништо од ветувањата, а поминаа повеќе од две години откако СДСМ дојде на власт

Ќе се обратам и до вработените во јавната администрација. Оваа власт неоправдано ја запоставува, игнорира, истовремено и ја притиска. Се однесува нетолерантно, како нешто што природно и припаѓа. Постојано го слушам премиерот како се жали дека била неефикасна, некорисна. Но, нејзината ефикасност е толку голема колку што е и ефикасноста на менаџментот во администрацијата. Сите вие вработени сте со име и презиме и имате свое достоинство, чест и  углед. Недозволувајте да бидете застрашувани, непотклекнувајте на уцените и заканите кои знам дека ги имате. Бидете храбри и излезете и гласајте по својата волја. Зад параванот сте сами, и ниту една уцена нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија. Промените доаѓаат, работите брзо ќе се сменат и сигурноста која сега ја немате верувајте ќе дојде. Професионалните и добрите работници секогаш ќе бидат дел од тимот кој ќе ги создава и носи промените. Ве молам да ме слушнете, власта е на колена, Зоран Заев клечи и потребно е да го зададеме последниот удар, ништо не ви можат дојде денот. Ќе се обратам и до припадниците на МВР. До овие овде со нас чесни луѓе, но и тие што се на терен. Сакале да признаете или не, знам дека ви ги врзаа рацете, да молчите пред криминалците, да ја заобиколувате правдата. Не затоа што тоа го сакате, туку затоа што на тоа ве тераат. Но ве молам, ве молам од срце не прифаќајте притисоци, спротивсавете се на сите незаконски постапки на кои ве тераат. Не одете против својот народ. Ние сме ваши пријатели, а вие сте чесни и честити луѓе чија судбина е притисната од нечесното раководство на власта. И знам дека и вас ве изневерија. Ве измамија. Нема ништо од новата опрема, од покачувањето на  платата, нема ништо од вашите барања, но и тоа ќе се смени, ви ветувам. Морате да имате сигурност која сега ја немате. А по промените вие ќе сте најзначајниот дел од алката која ќе мора да донесе правда во Македонија.

Според него од досегашната слика припадниците на Армијата не ја добија ни очекуваната опрема, а не па подобар живот.

Ќе се обратам и до припадниците на Армијата. Вие сте нашата гордост. Секогаш ја имате нашата доверба, а вие враќате со вашата професионалност и сериозна посветеност. Сетете се на заклетвата која ја дававте, и знамето, под сонцето пред кое се заветивте дека ќе служите. Македонија е ова. Затоа ајде да одбереме претседател кој ќе биде на ваша страна, кој ќе се бори за подобри услови, повисок стандард и труд кој ќе биде ценет. Ајде заеднички да ја одбереме Гордана Сиљановска Давкова, истакнува Мицкоски.

Тој додава и дека не може, а да не ги спомене земјоделците, тие честити луѓе со гигатнски срца кои со сурова мака и пот се грижат за своите семејства, а кои од мене ја имаат најголемата почит.

Знам дека сте незадоволни и знам дека ве уценуваат со исплата на субвенции, со инспекции и разно разни проверки, ременот постојано го стегаат, но вие најдобро знаете дека тие од власта стапнаа на погрешна штица, а вие казната ќе им ја испорачате токму на овие избори, а потоа заедно ќе го испратиме во политичка пензија министерот кој шопингува патики во Дубаи додека земјоделците едвај крај со крај врзуваат. Со посебна гордост ги посетувам нашите места во Пелагонија, Струмичко, Полошко, во Малешевијата, Реканско и Овчеполието. Ја стискам чесната рака на земјоделците и ви велам во мене имате пријател, ајде заедно да се избориме за подобра иднина. Мојата борба е и ваша борба.