Зад престрелката со четворица ранети во Берлин стои организираниот криминал

Престрелката во центарот на Берлин во саботата рано утрото во којашто се тешко ранети четири лица е поврзана со организираниот криминал, објави обвинителството во германската престолнина.

„Поради престрелката поврзана со организираниот криминал, заедно со одделот за убиства ја водиме истрагата против повеќе осомничени поради обид за убиство“, соопшти државното обвинителство на Twitter.

Берлинската полиција во раните утрински часови интервенирала по дојава на станари на местото на ицидентот меѓу квартовите Кројцберг и Мите.

Имајќи предвид дека судирот се одиграл во непосредна блиозина на седиштето на коалицискиот партнер во владата Социјалдемократската партија на Германија (SPD), во почетокот се нагаѓаше за политички мотивиран инцидент, но полицијата набрзо ја отфрли таквата можност.

Тројца од ранетите се пронајдени во еден премин, а четвртиот во канал. Настраданите се на возраст од 30 до 42 години. Сторителите припаѓаат на „истата криминална група како и жртвите“, соопшти обвинитеството.

Берлин последните години стана центар на сѐ посмели и отворени судири меѓу криминалните групи, составени главно од лица од арапско потекло. Лево ориентираната покраинска влада на Берлин како една од политичките цели го наведе сузбивањето на ткн клански криминал кој се поврзува со неколку поголеми семејства од либанско потекло.