Задолжителна вакцинација против коронавирусот за здравствените работници и препорака за вакцина за јавните службеници, предложи Комисијата за заразни болести

Сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции, за одење на работно место ќе мора да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат PCR тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. За да одат на работа ако не се вакцинирани или тестирани, ќе мора да имаат потврда за прележан коронавирус не постара од 45 дена или медицинска документација дека не смеат да бидат вакцинирани, најави во средата министерот за здравство Венко Филипче, по состанокот со Комисијата за заразни болести.

„Препорачуваме до овие мерки да се приклучат и приватните компании. Од Сојузот на стопански комори ни стигна едно писмо со слични барања, со цел да се заштитат капацитетите. Препорачуваме вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници“, истакна Филипче.

Според препораката, откако одлуката деновиве ќе помине на владина седница, ќе биде оставен рок од 10 дена во кој здравствените работници ќе може да се вакцинираат.

Комисијата, исто така, бара и ажурирарање на процесот на контрола.

„Имаме електронски алатки, не се само хартиените сертификати туку европските сертификати, може да се симнат на сите граѓани кои користат таков тип на мобилни телефони. Има апликација која го покажува соодветниот код и има апликација која што ја контролира валидноста на кодот. Тоа значи дека се елиминира можноста да имаме фалсификувани сертификати“, истакна Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.