Задолжувањето од 600 милиони евра ќе биде според планираното во Буџетот за 2022, вели Бесими

Во Буџетот за 2022 година, кој е усвоен во Собранието, предвидено е задолжување од 600 милиони евра. Од нив, 545 милиони евра се за покривање на дефицитот, планиран во Буџетот, а останатиот дел е за зголемување на депозитите што вообичаено се оставаат на крајот на годината за наредна година за резерви, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој за емисијата „24 Анализа“ посочи дека предвиденото задолжување можеби ќе се прави на надворешниот пазар, со цел да се остават повеќе средства на домашниот пазар за економијата, но не е исклучено и дел од задолжувањето да се направи на надворешниот, а дел на домашниот пазар.

Според Бесими, се прават и потребните подготовки за издавање на Еврообврзницата за која, како што посочи, се чека моментот кога ќе има најповолни услови.

– Подготвено е се. Се анализираат сосотојбите за да се излезе на пазарот тогаш кога ќе има најповолни услови, односно да се постигне најниска цена, со оглед на тоа што условите сега се сменети и каматните стапки за разлика од минатата година се повисоки. Како држава немаме проблем со ликвидноста, не брзаме дека мора тоа да го направиме денес, утре…. Чекаме кога е најповолен момент и согласно експертските препораки, ќе го направиме тоа, рече Бесими.

Додаде дека се наоѓаме во глобална енергетска и ценовна криза, но дека и годинава се планира раст кој ќе биде ревидиран поради актуелната ситуација.

– Се наоѓаме во енормна енергетска и ценовна криза годинава и ние треба да се приспособиме на тоа и тоа да го прикажеме во Буџетот, бидејќи се друго не би се реализирало. Затоа правиме консултации и ревидирање на Буџетот за да се приспособи кон она што ќе се случи, но притоа, како и минатата година, која, исто така, беше тешка и успеавме да оствариме раст, и годинава планираме раст кој ќе се ревидира поради драстично сменетата ситуација, рече Бесими.

– И во 2021 и во 2022 година генерално растот се базираше на растот на инвестициите. Го презентиравме Планот за забрзан раст, каде покрај буџетските средства се планираат во наредниот период да се промовираат инструменти што ќе привлечат приватен капитал и тоа да го поттикне растот. Тоа е опфатено и со новиот сет мерки каде се проценува дека неговиот импакт ќе биде над 500 милиони евра, истакна Бесими.