Задолжницата задолжителна за сите зделки над 5.000 евра од 2015-та година

Сите приватни компании што ќе склучуваат зделки на суми над 5.000 евра задолжително ќе мора да издаваат задолжница. Оваа обврска ќе почне да важи од почетокот на 2015 година, но Владата веќе ги изготвила законските измени што неа ја содржат, и ги доставила на разгледување во парламентот, пренесува „Утрински“.

Одложената примена, како што наведува весникот, е со цел да им се даде време на фирмите да се подготват. Како што е познато, задолжницата беше воведена во септември 2012, а една од нејзините карактеристики е што таа се применува на доброволна основа, односно само доколку компаниите имаат желба да го издадат овој инструмент.

Вакви измени на Законот за задолжница се предлагаат во време кога се очекува Собранието набргу да го изгласа и новиот Закон за финансиска дисциплина, со кој се предвидува дека и приватните компании, како и институциите од јавниот сектор, мораат своите обврски за одредена зделка да ги намируваат најдоцна за 60 дена, или по исклучок, за максимум четири месеци.

Со предлогот кој веќе се расправа низ собраниските тела се бара задолжително издавање на овој инструмент за сите должничко-доверителски односи од 300.000 денари и повеќе. Образложението од Владата е дека ова е неопходно „со цел да се подобри наплатата на побарувањата и да се поттикне одговорно однесување на правните лица“.

Ова, секако, ќе значи и дополнителен трошок за компаниите, бидејќи ако досега тие сами одлучуваа дали ќе издадат задолжница или не, сега тоа ќе мораат да го направат за зделки над 5.000 евра, а тоа значи дека ќе мораат да платат и сума од 3.000 денари за солемнизација на задолжницата.

Фирмите што нема да издадат задолжница ќе ризикуваат да „заработат“ глоба од 3.000 до 5.000 евра, како и 1.000 казна за одговорното лице. Против нив може да биде поведена и прекршочна постапка. За државата, и со законските измени, нема да важи законот за задолжницата.

Министерот за финансии Зоран Ставрески вчера изјави дека „државата можеби досега ги штитела повеќе должниците за да се спасат фирмите во што и некаде се успеало, но крајно време е да се заштитат и доверителите“, па затоа и се прават овие законски измени.

Инаку, со првичниот Закон за задолжница, овој инструмент беше воведен во септември 2012 година, на барање на бизнис-секторот, а главната цел што требаше да се постигне беше да ја намали презадолженоста. Државата тогаш се иззема од законското решение за задолжницата.

Што е задолжницата? Кога, на пример, некој некому ќе продаде стока, доверителот добива задолжница заверена на нотар. Ако должникот не плати во договорениот рок, доверителот со задолжницата ќе има право да му ги извлече средствата од банкарските сметки, да му ја блокира сметката, или во крајна линија, да му одземе дури и дел од имотот, без притоа да мора да оди по судови, односно да поведува судска постапка.

Стопанствениците со тек на време за задолжницата коментираа дека таа е добар инструмент, но главно се користи за големите зделки, а како што објаснуваа, за малите е комплицирана. Исто така, фактот што не важи и за државата, се сметаше како една од нејзините „фалинки“, па затоа и се бараше Закон за финансиска дисциплина. Токму таков закон Владата веќе подготви, а се очекува набргу да добие и собраниска верификација, а е предвидено да важи од мај следната година.

Како причина за носење на овој закон Владата го наведува фактот што во голем број случаи не се почитуваат роковите за намирување на обврските од договорите меѓу економските субјекти. Со овој закон се уредува навременото исполнување на паричните обврски меѓу економските оператори и од приватниот, и од јавниот сектор.

Со овој закон, всушност, се налага рокот во кој треба да плати приватната компанија, да не биде подолг од 60 дена, а само по исклучок тој може да биде подолг, но не повеќе од 120 дена, доколку постои согласност од двете страни. Ова важи и кога се вклучени субјекти од јавниот сектор, освен ако не се работи за договор, чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.

Доверителот има право на надомест за доцнење од должникот, во износ од 3.000 денари.

Со законот за финансиска дисциплина се предвидени строги казни за неплаќачите, односно глоби од 5.000 до 10.000 евра и на приватните фирми и на државните институции доколку не ја платат својата обврска во утврдените рокови, а за одговорните лица во нив, пак, следуваат глоби од 750 до 1.500 евра. За трговците- поединци се предвидени казни од 1.500 до 3.000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.