Заедницата на Македонците во Хрватска: Заев – најголем предавник на македонскиот народ!

Претседателот на Заедницата на Македонците во Хрватска упати отворено писмо до Претседателот на Република Македонија, Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Амбасадата на Република Македонија во Република Хрватска и јавните медиуми во Македонија, во врска со велепредавничките политики на Владата на Зоран Заев по македонското прашање во односите со соседните земји на државата Македонија.

Отвореното писмо Ви го пренесуваме во целост.

Историјата е трајна, вечна меморија на цивилизацијата. Во неа запишани се сите вознесенија и победи, порази и трпенија, војни, палежи и градежи, делби и преселби, радоста и болката на човековото постоење… Единственото право на граѓанство во неа имаат само аргументите. Тие ја создаваат едната и единствена вистина за светот и цивилизацијата, човекот и животот. И она што денес и’ се случува на нашата библиска земја, татковина и мајковина Македонија, со поигрувањето или поточно, со нејзиното фалсификување и безумно нејзино распродавање е малоумие! Невидено и нечуено манифестирање на зло што си поигрува и ја изигрува судбината и иднината на Македонскиот народ!

Мудроста рекла оти неизлечива болест е малоумите. Премиерот Зоран Заев и неговото опкружување раздаваат што ќе стигнат и каде ќе стасаат, како да Македонија е на тезга за едно евро.

Те гледа во очи и лаже! Едно кажува наутро, друго напладне и сосема несфатливо по нешто навечер, попува и тргува во четири очи и никој не знае што се’ крои и прекројува на тајните средби и разговори, со братските прегратки и бакнежи, а света должност му е да ја каже вистината на својот народ, зашто токму тој народ со своите гласови на доверба го поставил на функцијата, што за жал, се престорила во политикантска лакрдија.

Постои црвена линија која точно го одредува забранетиот простор до каде некои нешта можат да одат и од каде потоа пред вистината молчат и боговите! Ама, за Владата на Македонија и за нејзиниот челник Зоран Заев тие правила ниту се познати, ниту имаат некое значење. Таквите луѓе историјата ги именува како предавници или народот има уште поубав збор за тоа – неранимајковци!

Нашиот Заев секако е и ќе остане запомнат во историјата на човештвото како најголемиот лажго и предавник на сопствениот народ! Од разни страни го прекоруваат да не зборува, зашто ништо не знае и не разбира, само кога молчи е умен. Својот народ го нарече крадец на туѓа историја, потоа Македонскиот народ од една и Бугарскиот народ од друга страна дека се браќа и еден народ со заедничка историја и јунаци.

Нештата се превртуваат во своите гробови, Гоце Делчев, симболот на вечното македонствување го преименува за национален деец на лажливата и корумпирана бугарска историја, која мора да краде од другите да има нешто на своето конто. Тие се такви и ништо не е срамно за нив, но голем срам и божји гнев е лажгото Заев, ороводецот со небулозните Никола Димитров и Бујар Османи, до опашките на орото параспурско со Шеќеринска, Бучковски… Боже мој, како и кога толку многу се намножија? Толку се иумни, што освен самите себе да се слушаат и почитуваат, друго ништо не умеат.

Сесловенските просветители Кирил и Методиј припремајќи се за извршување на моравската мисија, го создале и старословенскиот јазик, го воздигнале на ниво на книжевен јазик, а како основа им послужил дијалектот на македонските словени од околината на Солун. Така, во 863 година официјализирана е глаголската словенска азбука. На словенските просветители со познатата тројазична догма им се спротиставиле германските и латинските свештеници кои го истакнувале и бранеле писмото на Христовиот крст со трите јазици што ги определил Бог: Латинскиот, Грчкиот и Хебрејскиот. Свети Кирил во секојдневните пресметки и дебати, од кои секогаш излегувал победник, мудро говорел и прашувал: “Не паѓа ли дожд од Бога еднакво за сите? Не грее ли сонцето исто така за сите? Зарем сите подеднакво не го вдишуваме истиот воздух?“

Па, тогаш, како не се срамите да признавате само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?! Овие блескотни страници од историјата на словените се учат и ги знае секое дете. Човек да не верува оти за такво нешто воопошто не чул Зоран Заев?! Затоа и ништо не знае!

Тој, исто така, не научил ништо за Илинденското востание и за Крушевската Република. Нималку случајно не е што токму во Епопејата на Илинден се појави македонската библиска книга “За макеадонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков! Да го потсетиме на мислата од Мисирков, оти јазикот треба да се сака како што се љуби својот народ! Да се сака и да се брани! Генијалниот Блаже Конески подоцна таа мисла ќе ја прошири и збогати, оти јазикот е нашата единствена татковина, и додека го имаме јазикот, ја имаме и татковината! Видовито професорот укажуваше оти големо и славно ни е името, да го пазиме оти ќе ни го украдат. И за жал, тоа денеска ни се случи со благослов на Зоран Заев. А, тој и тоа не го знаел?!

Со јазикот и дигнитетот не се тргува! Тоа е дадено Божјо и човеково право на секој народ! А, секој народ ја пее својата песна. По неа со мајчиниот Македонски јазик, кој е најубава величествена симфонија како што запишал Кочо Рацин, кој по македонската народна песна е многу почитуван и сакан, идентификуван во целиот свет.

Македонската нација и Македонскиот јазик се реалност и тие се рамноправен член на големото семејство културни народи во светот! Во светската книжевност, исто така, современата македонска литература партиципира со високи естетски вредности и со преводи во кои Македонскиот јазик се потврдува како моќно средство за кое нема тајни и несовладливи препреки за приопштување и на најсложените дела од светската традиција.

Македонскиот јазик се изучува ширум светот! Бугарската фалсификаторска политика, дипломатија и наука се добро познати во светот и не кажуваат ништо ново. Грешката, незнаењето и предавството повторно му припаѓаат на Заев. Ќе се запише тој како таков во македонската историја и единствениот знак на предавник ќе биде неговата идентификација.

Ставот на Заедницата на Македонците во Хрватска е многу јасен: Нема преговори за националниот идентиет, за името, за јазикот, за Црквата и духовноста, за традицијата и обичаите и за се’ друго што го носи предзнакот Македонско! Отсекогаш не’ присвојувале, но нема да им успее се’ додека во нас тече и последната капка македонска крв!

Драги Македонки и Македонци, издегнете се над се’ како цврст бедем, да бидеме единствени во поглед на ова прашње, се вели на крајот од отвореното писмо на претседателот на Заедницата на Македонците во Хрватска, Илија Христодулов.