Стопанската комора на Македонија (СКМ) и Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје започнуваат со заеднички проект: „Претприемништвото – иднината на студентите”.
Целта на проектот е да се дејствува во развивањето на претприемништвото меѓу студентите преку истакнување на успешни примери од бизнис-секторот во Македонија. Проектот ќе опфаќа средби меѓу студентите на УКИМ и претставници на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија, како и обуки за сите студенти со цел надградување на нивните способности и вештини. Една од најзначајните активности на овој проект е периодот на менторство меѓу студентите и претставниците на компаниите. Финалниот продукт ќе бидат заклучоци за тоа како може студентите да се доближат, да станат дел од реалниот секторот, но и презентација на бизнис-идеите на студентите пред бизнис-секторот во Македонија.
Секој студент на УКИМ може да аплицира за учество во овој проект преку апликација која може да ја најде во канцелариите на Студентскиот парламент на својот факултет, канцелариите на Студентски прашања на својот факултет, на страната на СПУКМ, на веб-страните на факултетитеи на веб-страната на Стопанската комора на Македонија.
Периодот за аплицирање започна на 17-ти овој месец и ќе трае до 22-ри јануари. Првата средба е закажана на 27-ми јануари кога и СПУКМ и Стопанската комора на Македонија ќе потпишат меморандум за соработка. Најважна е бизнис-идејата што ја има секој студент. Тоа е адутот што ќе донесе учество во овој проект.
СПУКМ и Стопанската комора на Македонија целат на долг рок овој проект да стане традиција и да влијае на подигање на свеста за самовработување и претприемништво кај студентите, а со тоа и намалување на невработеноста кај младите луѓе. Со потпишувањето на меморандум за соработка меѓу Комората и СПУКМ ќе следуваат поголем број активности во текот на следната година.