Заев ја поддржа владината одлука за прогласување вонредна состојба

Ја поздравувам одлуката на Владата за да се прогласи вонредна состојба на целата територија на државава, а истовременого го повикувам претседателот Стево Пендаровски да го прифати тоа барање, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција.

„Заедништвото е најсилното оружје и важно е да ги следиме мерките и препораките од надлежните институции. Секако, уште еднаш ја поставувам одлуката на Владата да побара прогласување вонредна состојба. Тој потег ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на граѓаните. Уште еднаш им се заблагодарувам на сите што учествуваат во борбата против коронавирусот, а тоа се здравствените работници, полицајците, медиумите и сите други. Одговорно е да бидеме единствени во делувањето, маката да ја споделиме, бидејќи секој граѓанин е подеднакво важен“,.  рече Заев.

За критиките што утрово ги упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на адреса на Владата, Заев рече дека Владата не доцни, туку доцни токму Мицкоски.

„Вчера имавме лидерска средба и заклучивме дека треба да ги одложиме изборите. Христијан Мицкоски и професорката Гордана Силјановска вчера бараа кризна состојба. Мицкоски утрово вели дека Владата доцни со мерките и побара вонредна состојба. А сите во светот ни даваат комплименти за тоа како се справуваме со борбата против коронавирусот. Владата не доцни, туку доцни Мицкоски“. рече Заев.

На прашањето што е вонредна состојба, Заев рече дека тоа значи дека треба да бидеме поодговорни и да се ставиме во ред.

„Да се почитуваат обврските. Ќе работат сите дејности како и досега, освен ако Владата не ги затвори. Ќе можеме да излегуваме денски за да завршиме некоја неопходна работа, но мора сериозно да ја сфатиме ситуацијата и да внимаваме максимално. Старите луѓе смеат да излегуваат надвор, но само доколку мораат. Препораката е да си седат дома и да побараат волонтери кои ќе им помагаат. Дезинфекциски и заштитни средства мора да се користат. Движењето ќе се забрани ако има полициски час, а тоа е само ако не ги почитуваме мерките. Јас, на пример, немам излезено од дома со денови, освен вчера што бев на лидерската средба кај претседателот. Владата ќе може да носи уредби со законска сила и тоа ќе се употреби исклучиво за заштита на јавното здравје“, појасни  Заев.

Додаде дека треба да очекуваме сериозна економска криза во светот, па и кај нас.

„Буџетот е ликвиден, стабилна е државата и можеме подготвено да се справиме со тешката криза. Сите мора да бидеме солидарни. Ќе трпиме сите. Ќе повлечеме кредити. За здравјето мора да имаме пари, за пензии мора да имаме пари. Насекаде во светот се преземаат мерки кои се јавно достапни, а и нашите се идентични со тие мерки. Многу е важно тоа што банките прифатија да ги одложат резервациите за наплата на кредитите. Ратите за април, мај и јуни ќе бидат одложени3 рече Заев и појасни дека пикот на кризата се очекува да биде постигнат за околу еден месец.

Го искоментира и вчерашниот потег на владата на Шпанија да го потпише Протоколот за членство на земјава во НАТО.

„Во време кога се бориме со коронавирусот, пристигна една многу важна вест за иднината на државата, а тоа е дека официјално сме 30. членка на НАТО. Шпанија го ратификуваше Протоколот и со тој чин процедурата е завршена. Испишавме историја за нашата држава, во тешко време кога сме фокусирани на сигурноста на граѓаните. Го остваривме тридеценискиот сон и горди сме на овој успех. Загарантиравме сигурна и стабилна иднина за нашите идни генерации. Темелите се поставени и продолжуваме напред да градиме стабилна и безбедна развиена земја. НАТО значи безбедни граници, но и нови работни места, повеќе пари и повисок стандард. Станавме дел од НАТО, а сега на ред е членството во ЕУ. Покажавме дека можеме да се соочиме со предизвиците, а сега е време да се фокусираме на новиот предизвик и заедно да се избориме со коронавирусот“, додаде Заев.