Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска повторно ги повика сите политички субјекти, пратенички групи и независни пратенички групи да преземат одговорност во донесувањето на законот за јавно обвинителство, и како што рече, да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на земјава.
Особено ја повикувам опозицата да се надмине себеси со прифаќање на законско решение за јавно обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото, рече Заев и додаде дека носењето на законот за ЈО ја гарантира европската иднина на државата.
Нагласи дека од страна на високи претставници на ЕУ се повеќе се нагласува потребата за носење на овој закон и се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата.
Сите демократски капацитети во државата и сите демократски сојузници на нашата држава се залагаат за законско решение што ќе гарантира дека политичарите и политиката ќе бидат настрана од правосудството и дека политичарите нема да бидат обвинители. За сите актуелни случаи и предмети без разлика на кого се однесуваат вклучително и сите предмети и случаи на СЈО, мора да се гарантира професионална и ефикасна разрешница, истакна Заев.
Оцени дека беззаконие и криминал мора да бидат соодветно третирани и професионално разоткривани и казнувани, а тоа е можно, како што рече, само со обвинителство ослободено од влијанието на политиката.
Заев, во однос дали има одговор од независните пратеници, рече дека полагаат сериозна надеж кај пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, од опозицијата, македонска, албанска од сите политички партии, од парламенарното мнозинство, со цел, како што рече, да се постигне консенус, ако не друго барем за двотретинско мнозинство за овој закон.
Информира дека денеска се повикани сите политички партии и парламентарни групи од министерката за правда Рената Дескоска, со цел да го отворат законот и да почне дискусијата со цел негова брза финализација.
Времето е навистина многу кратко, знаејќи дека има комисија и парламентарна процедура за финалното гласање, распуштањето на Парламентот е на 12 февруари, и неможноста повеќе да се одолговлекува оваа работа. Недозволиво е било какво одолговлекување и во консултација со министерката за правда одлучивме да се повикаат сите политички субјеикти. Повикана најпрво е најголемата опоизициска партија па потоа вториот коалиционен партнет во владата ДУИ, па независната пратеничка група, и верувам дека ќе се изнајде решение за доброто на државата, рече Заев.
Во однос на номинацијата за член на Венецијанската комисија на министерката за правда Рената Дескоска и дали тоа може да има судир на интереси и паралелно да ја извршува функцијата министер, Заев рече дека за член на Венецијанска комисија не одлучуваат наши кадри, такви примери на министри, вицепремиери и членови на Влади да учествуваат во работата на Венецијанската комисија, има и во регионот и во Европа, и оти не постои судир на интереси.