Заев: Ако нема одлука за датум, Владата може да падне

Понатамошно одлагање за добивање датум за преговори со Европската Унија би можело да доведе до пад на Владата, рекол премирот Зоран Заев во Виена, пренесува „Танјуг“. Тој истакнал дека Северна Македонија нема алтернатива.

„Алтернатива нема. Ако ЕУ не донесе одлука за почеток на пристапни преговори, ние нема да се откажеме од нашиот европски пат. ЕУ е нашата иднина“, рекол Заев.

Додал дека веројатно, поради одложување на одлуката, Владата би можела да падне.

Ако Европската Унија не донесе одлука за почнување на преговори со Северна Македонија тоа практично ќе значи дека не го почитува, па дури и дека го казнува Преспанскиот договор, вели премиерот Зоран Заев во изјава за српската новинска агенција Танјуг.

„Сите велат дека Преспанскиот договор досега е еден од најдобрите примери на Западен Балкан. Ако ЕУ го казни овој договор со одлагање на пристапните преговори со Северна макеоднија, како може тогаш да се очекува дека ќе биде најдено решение за косовското прашање, или како ќе се мотивираат босанските лидери да најдат решение во БиХ“, рече Заев.

Тој сепак се надева дека лидерите на ЕУ ќе дадат зелено светло за отворање на преговорите со Северна Македонија.