Заев: Ако опозицијата го блокира гласањето за законот за ЈО, ќе се одложи распишувањето на изборите

Лидерот на СДСМ, Зоран Зарв, изјави дека доколку не се изгласа Законот за јавното обвинителство распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се одложат. Но не и изборите.

„За мене е многу важно да се гласа за законот во парламентот и притоа тој може да се донесе или да не се донесе. На 12 февруари тој треба да се распушти, но, доколку опозицијата се обидува да го минира или да го блокира гласањето за него, тогаш нормално дека парламентот нема да се распушти сè додека не заврши процесот на изјаснување и по законот за ЈО и за Протоколот за НАТО или за законот за одбрана и сличните закони“.

Како што истакна, тоа нема да ги одложи изборите закажани за 12 април, бидејќи, парламентот се распушта од 40 до 60 дена пред денот на изборите.

„Имаме простор од 15 дена за распишување на изборите и распуштање на парламентот, како што тоа го предвидуваат законите и Уставот“, рече Заев.