Заев: Јас сум за настава со физичко присуство од септември, ако потоа има потреба ќе одиме со затварање или други мерки

Премиерот Зоран Заев изјави дека тој би сакал од септември наставата на учениците да биде со физичко присуство доколку Ковид-ситуацијата тоа го дозволува, но дека Комисијата за заразни болести е таа што одлучува.

Одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на првиот национален Стартап самит, Заев информира дека во понеделник во девет часот Кризниот штаб треба да одржи состанок на кој ќе бидат соопштени деталите за евентуалното олабавување на мерките во однос на рестораните за свадби и можностите за присуство на трибините во сали и на стадион.

-За училиштата имам свој став. Но, секако, најважно е каква ќе биде состојбата кон крајот на август. Сепак, јас лично сум за настава со физичко присуство. Мислам дека ќе имаме стабилна состјба и сега ова, кога бројките се намалени, би требало да биде добра основа за настава со физичко присуство. Ако потоа има потреба ќе одиме со затварање или други мерки – изјави Заев.