Заев: Блиску е денот кога ќе се уверат двата народи дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија

 Континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944. И, да, народе мој – Третиот Илинден. Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на која е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот, порача денеска премиерот Зоран Заев во својот говор од Пелинце, каде тој ја предводеше владината делегација во одбележувањето на 118 години Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Заев пред присутните делегации од Собранието, кабинетот на Претседателот на државата, политичките партии, дипломатскиот кор, потенцира дека третиот Илинден не познава крај.

-Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден.  На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, огнот што го распламтија плејада македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци и припадници на другите народи во нашата земја – истакна Заев.

Тој потенцира дека Илинден не треба да го оставиме во историјата, туку да го живееме и да го носиме неговиот пламен во иднината, каде што припаѓаме.

– Илинден не е врзан за ниту една идеологија. Ги надминува границите на кој било временски период. Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро иднина во нашата татковина, во нашиот дом – порача премиерот.

Нагласувајќи дека секоја генерација има свој Илинден, истакна дека современата генерација во својот Илинден го има вградено и единствениот правилен избор на 8 Септември 1991 година кога со волјата на народот изразена на референдумот беше прогласена независноста државата и отпочна меѓународното признавање и прифаќање на тогашната Република Македонија како членка на меѓународната заедница и нејзините организации.

Оваа година одбележуваме три децении од независноста со единствената желба – нека е вековита и да го чуваме и негуваме и тој историски настан како скапоцен дел од нашиот државен континуитет, државниот континуитет како наш трет Илинден, порача Заев.

Нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта на Северна Македонија во ОН, држава во која официјален и службен е македонскиот јазик.

– Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Победата на парламентаризмот и дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството. Нашиот Илинден е правдата и владеење на правото базирани на принципот дека сите се еднакви пред законот. И уште еден илинденски принцип чуваме и негуваме и постојано повикуваме да ни биде пример. Обединување и единство околу најважните прашања за нашата земја. Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите. Нема да престанам да повикувам да бидеме сложни и единствени заради граѓаните и заради татковината, за заедничкиот напредок. Секогаш да настојуваме да правиме чекор повеќе во изградбата на нашето едно единствено еднакво општество за сите – углед на големата европска идеја обединети во различностите – нагласи премиерот.

Тој се  надоврза и дека годинава се одбележуваат 20 години од Охридскиот рамковен договор, при што потенцира дека наша обврска е постојано да се грижиме за да го одржуваме и негуваме нашето едно и еднакво општество за сите.

Тој изрази уверување дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија.

– Заедно ќе го обезбедиме тоа бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи – истакна Заев.

Во својот говор тој со честитка за Илинден – Денот на Републиката на сите граѓани, нарекувајќи го светол празник.