Заев: Бомбите за „Монструм“ ги предадов во СЈО

Сè што поседував како аудио снимки, СМС пораки, транскрипти и други докази за „Монструм“ при крајот на 2015 година ги предадов во СЈО,  рече денеска во судница лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Бомбите за овој случај ги предадов на СЈО. Се што поседував како аудио разговори и транскрипти, крајот на 2015 година ги доставив до СЈО. Според евиденцијата, имаше повеќе од 1 милион бомби. Дел имам преслушано и споделено со јавноста, но тоа е само мал дел, рече Заев одговарајќи на прашање на судијата Огнен Ставрев.

Заев посочи дека видел разговори во форма на транскрипти, кои биле под име на веќе осудените лица.

– Имав повеќе средби со родителите на децата убиени крај Смилковско Езеро. Тие сакаа да дознаат повеќе информации што се случило. На една од тие средби дел од родителите изразија сомневање дека институциите на системот, посебно правосудниот кријат одредени податоци. Поточно се работеше за 4 или 5 комуникации помеѓу тогаш осудени лица за кои што еден од тие разговори беше сокриен од нив од страна на ОЈО како службена тајна. Јас ги извадив истите комуникации и пред нив ги презентирав – рече Заев.

За неговото ветување во медиумите дека јавно ќе ги објави материјалите за овој случај тој вели:

„Можно е да сум рекол дека јавно ќе ги објавам материјалите, а потоа не се случило тоа, од единствена причина што сум верувал дека не постои целовитост за создавање цела слика, за мене, којшто не поседувам други видови материјални докази, а и не сум правник за да можам да крај да го согледам правниот настан околу убиството и затоа на крајот донесов одлука, се што поседувам, да не биде објавено, туку дека ми е должност да ги доставам до СЈО, а тие да ги употребат за докажување до крај вистината и секако пред суд“,

кажа Заев.