Заев брутално ги ограбува граѓаните преку цените на горивата, предупредува ВМРО-ДПМНЕ

Кризниот данок на Заев од 4,13 денари за литро гориво  трајно ќе ја зголеми цената на горивата и со тоа новите давачките кои ги наметна лично Зоран Заев и лично оваа расипничка власт на СДСМ за еден литар гориво ќе изнесуваат цели 14 денари. Тоа се пари кои мора да ги плаќаат македонските граѓани, без разлика колку е ниска или висока цената на нафтата на светските берзи, истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Токму заради овие нови давачки на Зоран Заев и СДСМ македонските граѓани плаќаат енормно скапи горива, а само во последната година бензините од 50 денари по литар скокнаа на 71.5 денари, а дизелот од 46 денари по литар скокна дури на 63 денари. И ова е факт кој што граѓаните секојдневно го говорат. Толку големо покачување на цената на горивата доколку не беа давачките на Зоран Заев и СДСМ во форма на акцизи и даноци немаше да има. Па така, би сакал практично да појаснам, ако едно семејство кое има 1 автомобил и месечно трошело еден резервоар гориво, некаде околу 40тина литри, со покачувањата кои што ги наметнува Зоран Заев, истото тоа семејство сега за гориво месечно одвојува во просек повеќе од 600 денари од она што плаќал претходно. Само да потсетам дека радиодифузната такса која што ја укина Зоран Заев затоа што била скапа за граѓаните чинеше 190 денари. Е сега истите тие 190 денари кои што им ги укина Зоран Заев тродупло им ги зема овие пари на граѓаните, и тоа само по еден автомобил, а има семејства кои што имаат и по два автомобили“, рече Арсовски.

Посочи дека на споменатите цени треба да се вкалкулираат дополнително и тие 4,13 денари, со што горивата ќе бидат екстремно скапи во услови кога на светските берзи нафтата се движи околу нивото од 75 долари за барел. Доколку цената на енерентот расте на меѓунароните пазари со стапките од минатиот период, цените на горивата во Македонија поради давачките коишто ги наметна Владата на СДСМ ќе бидат уште повисоки тука кај нас и по вртоглаво, оцени Арсовски.

„Ова енормно покачување на цената на горивата не може, а да не предизвика ценовен шок. На удар се сите производи и услуги во чие производство горивата играат важна улога. Тука постои опасност и можност да се покачат и сите цени на транспортниот сообраќај во Македонија само заради тоа што има вакво сериозно покачување од Зоран Заев. И тука се загрозени веќе повеќе од половина од граѓаните коишто користат јавен или било каков транспорт“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

За да се спречи продлабочувањето на „агонијате и сиромаштијате“ во која е земја, Арсовски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со сите можни средства кои им стојат на располагање во рамки на Собранието и во рамки на демократското работење ќе го блокира предлог-законот за ткн „кризен данок“, од 4,13 денари на горивата.

„Да потенцирам уште еднаш, ќе го блокира со сите расположливи средства ова не смее да помине, и овие давачки не смеат да бидат на товар на граѓаните. А по формирање на нова влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе има целосна ревизија на сите антипазарни политики на СДСМ во форми на даноци, акцизи и се останато она кое што директно задира во џебот на граѓаните, односно каде што Зоран Заев директно краде од џебот на граѓаните“, заклучи Арсовски.