Заев брутално се пресметува со новинари и медиуми кои го критикуваат, хибридниот режим блеска

Дали со доаѓањето на „животот“ дојде и слободата на медиумите и новинарското изразување, односно дали престанаа притсоците, заканите и нападите врз новинарите медиумските куќи? Гледајќи од страна, лаички, ќе речете дека има слобода на изразувањето, но што зборуваат фактите!

Тригодишното владеење на Зоран Заев е квалификувано како хибриден режим во Македонија, а тоа го оценуваат „Економист“ и „Фридом хаус“.

Според оценките на „Фридом хаус“, Македонија воопшто не исчекорила од хибриден полудемократски режим, и е во групата на држави како Украина, Молдавија, Грузија, Босна и Херцеговина. Нема поместувања ниту во организирање на избори за кои се нотирани нерегуларности (се однесува за претходните избори), ниту пак дека има подобрување во слободата на медиумите.

Според оценката на „Фридом хаус“ и процентните поени Македонија има полош резултат од 2014 година, полош од 2015 и е на ниво од 2016 година.

Невладината организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз во последниот извештај ја рангираше Македонија на 92 место на Светската листа на слобода на медиумите за 2020 година. Државата се искачи три места погоре во споредба со 2019 година.

Рангирање три места погоре е скок во место, смета претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Малден Чадиковски, што значи дека нема никаков напредок во слободата на изразување, наспроти ланскиот скок од околу 15 места, што е разбирливо, според него, бидејќи не се случија очекуваните промени. Скокот од три места се должи на воспоставување на регистарот на професионални онлајн медиуми, како и на потпишување на „Повелбата за работните услови на новинарите“.

Тоа значи дека воопшто нема демократско поместување, за разлика од она што се ветуваше пред доаѓањето на власт.

Тоа е околу оценките на оние од надвор, а што се случува на домашен терен или односот на власта со критички настроените новинари и медиуми. Само во овие две години физички се нападнати неколку новинари, некои се повикувани на распит во полиција, други се тужени, а добија и пресуди, и сето тоа е поврзано со критики или откривање на афери во кои се вмешани лица од власта и се покриваат со разно-разни изговори. Дури, режимот кој се бореше против прислушувањето прислушувал новинари. Од друга страна, се правеа  упади во редакции од инспекции во редакции…

https://twitter.com/FurkanSaliu/status/1290739783258562565

Па така, за премеирот Заев е нормално да се повикуваат новинари на распит во МВР кога ќе обелоденат некоја афера за некого од власта. Тој на пратеничко парашање од Антонио Милошоски во врска со повикувањето на тројца новинари во полиција за објава на индиции од укажувачи за можен криминал и злоупотреба на службена положба на владини функционери рече дека повикувањето на новинари во полициска станица заради водење на одредена истрага поврзана со објавување на снимки од неовластено снимање за него е многу нормална работа, бидејќи се викнати и други инволвирани во случајот.

Минатата година на распит беа повикани новинарите Горан Момироски и Љупчо Златев во просториите на СВР Скопје поради неговите написи за наводна злоупотреба на службената положба на Генералниот секретар на Владата (човек од доверба на Заев) и барањето да го открие својот извор на информации.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди повикувањето на разговор на новинарите Момироски и Златев и тогаш најави дека ќе ги информира претставниците на дипломатскиот кор, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир и комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.

ЗНМ истакна дека ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот, се повикуваат новинари да го кажат својот извор.

– Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон самоцензура, додадоа од Здружението на новинарите.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) побара од Основното јавно обвинителство да не ги притиска новинарите да ги откриваат своите извори, бидејќи тоа е спротивно на член 3, став 2 и член 12, став 1 од Законот за медиуми, потоа член 2, став 4 од Законот за укажувачи, како и цел член 6 од Законот за свиркачи, а спротивно е и на меѓународните новинарски стандарди.

МАН потсети и на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа, каде е наведено дека „јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршувањ е на функцијата“.

На 14 ноември минатата година поголема група од околу 7-8 луѓе ги нападна новинарите Љупчо Цветановски, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски. Нападот се случил на улицата „Есперанто“ на излез од угостителскиот објект „Александрија“. МВР го констатираше овој инцидент.

Една недела претходно е нападнат новинарот Саше Димовски и тоа додека седел во кафуле. Димовски е уредник на порталот Сведок и се занимава со аферите и скандалите во судството.

На 24 јули оваа година новинарот Љупчо Златев рано наутро бил нападнат во ресторан во Скопје. Му биле упатувани закани и бил физички нападнат од едно лице, констатира МВР.

Самиот Златев за нападот директно го обвини семејството Мијалкови.

Според него, мотивот за нападот е текст кој го објавил на порталот „Лидер“, дека поранешниот шеф на УБК купил луксузен имот покрај Охридското Езеро.

Пред априлските парламентарни избори, кои подоцна беа преместени за јули уредникот на „Инфомакс“, Александар Митовски беше осуден со осудителна пресуда од 6 месеци затвор условно, доколку во наредните две години Митовски не го повтори делото, како обвинет за оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев во Јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Инаку, станува збор за медиум и новинар кои се критички настроени спрема власта.

По пресудата изјави дека добил информации оти судијката Љубинка Башевска добивала нарачки за пресудата за да ја унапредат како награда.

– Ова е срамота, срамен ден за Македонија, за слободата на говорот, за слободата на медиумите и човековите права, рече Митовски.

Новинарската Мирослава Бурнс пријави онлајн напади и закани по безбедноста, откако објавила текст за организирање свадба во ресторан во Тетово, што е спротивно за законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19 .

Новинарот Златев пред некој ден експресно доби обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство (ОЈО) за наводно сторено кривично дел „Оддавање на службена тајна“. Тој на 9 јули и 12 јули на интернет порталот на кој Златев е уредник Лидер.мк, како и на Фејсбук страницата од истиот медиум, објавил текст во кои сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според ОЈО се класифицирани информации затоа што се однесуваат на оперативна проверка на лице .

ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) истакнаа дека Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла. Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до Кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог .

„Како професионални новинарски организации сметаме дека секогаш кога институциите преземаат активности со кои може да се прекрши слободата на изразување клучно е внимателно и прецизно да се проценува дали јавниот интерес преовладува над нормативните акти“, истакнуваат од овие двеорганизации и додваат:

„Институциите треба да земат во предвид дека при постапување во вакви случаи, треба да се водат од начелото на јавен интерес и од тоа колку ваквите судски постапки можат да предизвикаат самоцензура, а со тоа да се ускрати правото на граѓаните да бидат свесни за евентуални злоупотреби во институциите . Од друга страна, новинарите кога објавуваат сензитивни информации кои ги базираат на документи кои се класифицирани, потребно е да покажат висок степен на професионализам, односно на почитување на професионалните новинарски стандарди, како и на доследно почитување на Етичкиот кодекс на новинари“.

Арно ама, некои и се толерираат, како што вели еден уредник кој откри аферата „Рекет“ „омиленик на оваа страховлада“, пишува како „сонува“ убиства и истечени мозоци. Со поддршка без осуда од кланот на власта, новинар пишува закани кон лидерот на опозицијата, неговото семејство, децата.

Покрај ова,врз слободата на медиумите влијаат и скриените реклами. Репортери без граници забележуваат дека на општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми и со тоа да задржат средство за нивно контролирање.

„Друга ризична одлука на Владата: купување реклами во медиумите за запознавање со достигнувањата на владата“, стои во извештајот.

Од друга страна, се наведува дека Владата не го сменила законот за јавни медиуми, а реформата на јавниот радиодифузер е запрена, и дека тоа одело во полза на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, во овој извештај ја нема намерата за целосна политизација на МРТВ и дека затоа не се тргна во реформа. Во таа насока и неизборот на нови советници во АВМУ, бидејќи владеачките партии не можеа да го наметнат посакуваниот состав во оваа регулаторна институција.

Кога на сето ова ќе се додадат диригираните реклами, владините помошти, невалдините средства, а посебно платите, тогаш е јасно дека контролата е целосна и дека секој кој е против власта ќе ја почувствува нејзината моќ.

Ниските примања, како и непочитувањето во целост на Законот на работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочува медиумската фела, а на што власта намерно замижува.

Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат од 15.000 до 20.000 денари плата. Ова го покажува анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена на 150 испитаници, на кои им беа поставени прашања во врска со работничките права и состојби во новинарските редакции во земјава. Вкупно 53 лица или 35,3 % одговориле дека нивните месечни примања се од 15 до 20 илјади денари, додека пак 46 лица или 30,6% одговориле дека добиваат месечна плата помеѓу 20 и 25 илјади денари. Дваесет луѓе или 13,3% одговорите дека нивната плата е во висина од 25 до 30 илјади денари, а 23 лица или 15,3% земаат над 30 илјади денари плата. Само осуммина или околу 5% одговориле дека нивните примања се под 15 илјади денари во месецот.

Со вакви плати лесно се уништува моќта на новинарите и медиумите. И кога на ова ќе додадеме дека газдите на големите медиуми наголемо кокетираат со политиката, односно тоа го гледаат како највносен бизнис од повеќе страни, тогаш лесно е да се констатира дека медиумите се под политичка контрола.