Заев: Бугарија да покаже европска големина и да го продолжиме процесот за членство во ЕУ

Премиерот Зоран Заев верува дека ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија  и упатува порака директно, до претседателот Румен Радев и до техничката Влада во Софија да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Македонија да дадат шанса да го продолжи процесот за членство во ЕУ.

Во интервју во дневникот на Националниот сервис, Заев при тоа се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите. Додаде дека очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, откако ќе се одржи состанокот на Советот на министрите кога ќе се донесат одлуките и ја повика Бугарија да продолжи во духот на европските манири и да го сврти повторно вниманието на ЕУ кон регионов.

„Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото“, оцени Заев.

Посочи дека со неговата посета на Брисел минатата седмица наводно им е соопштено ена сите европски институции и земји дека „нема да се преговара додека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса“.

„За идентитетот и јазикот не се преговара. Тоа што треба да го знае нашиот народ, е дека Европа должи. Ние испорачавме сѐ. Северна Македонија е земја која најмногу чекала од сите коишто сакаат да го продолжат европскиот пат. Од сите земји што некогаш биле кандидати, а денес се членки или се уште се кандидати ние чекаме најмногу, 16 години“, рече премиерот Заев.

Според него, без Македонија е загрозено проширувањето на ЕУ која самата таа го прогласи за своја стратешка цел

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.