Заев: Бугарија зазеде не многу пријателска позиција, но ќе поминат нивните избори

За земјите од Западен Балкан нема друга алтернатива освен пристапувањето во Европската унија и НАТО.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев на онлајн дебата во Атлантскиот совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“.

Од зборовите на Заев се гледа дека не му било лесно, „беше горчливо чувство, можете да замислите колку е тешко да додадете нешто на вашето име, но ние го сторивме тоа за младите, за децата и изградивме големо пријателство со нашиот сосед Грција“.

Тој посочи дека по одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година за почнување на преговори за членство со земјата, требаше да следи и првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи поради одлуката на нашиот сосед Бугарија.

„Бугарија зазеде не многу пријателска позиција, но јас силно верувам дека тоа е затоа што изборите се многу близу во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Верувам дека ако продолжи да ни помага, ќе најдеме решение веднаш по изборите во Бугарија, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како да блокираме или запреме некого, туку да гледаме кон иднината и да ја обезбедиме“, рече Заев.

Според македонскиот премиер, меѓу Скопје и Софија ќе бидат изградени уште повеќе мостови за соработка во различни сектори.

„Во наш интерес е да продолжи дијалогот, не замрзнување на преговорите, но сепак има некои црвени линии што не можеме да ги преминеме. Бугарија разбира дека имаме право на суверенитет и право на самоидентификација, да се чувствуваме Македонци, да зборуваме на македонски јазик. Тука во Северна Македонија, ние ги почитуваме сите европски идентитети, но немаме никакви претензии кон Бугарија или кон која било друга земја во светот “, рече Заев.