Заев, Царовска, Камбовски – против македонските образовни и национални интереси

Деновиве во повеќе пишани и електронски портали  се пишува за донесената владина 71 седница на 18.05.2021 година,  Одлуката за одобрение за вршење на високообразовна дејност на странска високообразовна установа на Великотрновскиот  универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на Македонија. Оваа одлука на Владата не е ништо ново, ништо не не изненади, затоа што пред повеќе од недела дена на бугарското национално радио, ја најави ректорот на Великотрновскиот универзитет професор Христо Бонџолев, кој изјави дека имал телефонски разговор  со премиерот  Зоран Заев во кој му било потврдена информацијата.

Барањето за отворање на овој Великотрновскиот универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија на негова подружница на територијата на Македонија, е доставена преку во соработка со меѓународниот Славјански универзитет во Свети Николе. И тоа е легитимно право, согласно член 25- Странски високообразовни установи од Законот за високо образование.

За да биде појасно на македонската јавност, што конкрено стои во членот 25 од Законот за високо образование. Имено, во став 1 од истиот член  стои:„ Странска високообразовна установа, на која и е признато правото да врши високообразовна дејност, односно е акредитирана за вршење на високообразовната дејност во земјата во која и е седиштето, врз основа на одобрение од Владата на Република Македонија, по предходно мислење од Одборот за акредитација на високото образование, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Република Македонија“.

Да го објаснам овој став 1 од членот 25 од ЗВО и да бидам конкретен: Великотрновскиот  универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија e акредитирана од Бугарската  национална агенција за оценување и акредитација што е од важност до  20.05.2024 година. Тоа не е спорно!!

За да даде одобрение Владата, треба да го има мислењето на Одборот за акредитација на високото образование, каде што нејзин претседател е академикот на МАНУ Владо Камбовски. Академикот на МАНУ Владо Камбовски потпишува позитивно мислење од „стручната комисија“ под број 08-74/3 од 06.мај.2021 година. Која е таа „стручна комисија“ кој што им е претседател Камбовски? Треба да ја знае македонската јавност! Ќе се дознае (зошто се крие од јавноста, а го нема и на веб страницата на Агенцијата за квалитет на високото образование) кој е проектот во кој се содржани и образложени  условите за позитивно мислење за Великотрновскиот  универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија?! . Кои  се посдипломските магистерски и докторски студии? Кои се наставните програми, односно професионални насоки од докторските програми, ќе наведам некои, на пример: ПЕДАГОГИЈА…меѓу другото: Методика на настава по бугарски јазик и литература… ФИЛОЛОГИЈА…меѓу другото: Бугарски јазик, Бугарска литература, Бугарски фолклор….ИСТОРИЈА И АРХЕОЛОГИЈА…меѓу другото Стара бугарска историја, Средновековна општа историја, Новата и најновата општа Историја, Историја на Бугарија… РЕЛИГИЈА И ТЕОЛОГИЈА…меѓу другото Теологија и слично.

Лично против Великотрновскиот универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, немам ништо. Сигурно дека е добар бугарски универзитет кој ги следи бугарските образовни интереси на бугарските граѓани и бугарската политика. Дали е тоа така може да го потврди владиката Наум и владиката Јосиф кои докторирале на овој Великотрновски универзитет, наместо на нашиот македонски Богословски факултет.

Дали следното што ќе спроведе Академикот Камбовски ќе биде остварување на децениската желба на владиката Наум да стане академик на МАНУ, кој и магистрира на Факултетот за психологија на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе?Што се крие зад оваа игра?Дали знае Заев каква шема му се организира? Колку е злоупотребена близината со владиците во овој случај особено, што владиката Јосиф е во секојдневна комуникација со министерот Оливер Спасовски? Одговорот на ова прашање ќе покаже колку бугарската национална разузнавачка служба има влијание во овој процес преку активноста на владиците, кои можеби делуваат во знак на благодарност што им беше овозможено по брза постапка да станат доктори на науки во Бугарија. Каде е Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање да го следат овој процес?

Објаснете, а тоа му должете на македонската јавност претседател Камбовски, кој што сте го потпишале позитивното мислење на кој јазик ќе се изведуваат наставните активности на бугарски или на еден од светските јазици како што стои во став 1 од членот на ЗВО?! Треба да знаат идните студенти кои сакаат да се запишат на овој дисперзиран Великотрновски  универзитет „Свети свети Кирил и  Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија?.Исто така, треба да им објаснете на македонските граѓани дека мора за да магистрираат или докторираат да ја знаат и проучуваат бугарската историја, фолклор, литература, приоди во религијата, само не што е македонско.

На крај ќе ја цитирам пораката на нашиот македонски идеолог Гоце Делчев: „ Јас не познавам друг народ кој повеќе страда од предавството на своите синови-изроди како македонскиот. Историјата  не памети друг таков пример кога еден народ по традиција, јазик и вера  се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…“.

Пишува: Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор