Заев дал насоки да се нарачаат руските вакцини „Спутник V“

Премиерот Зоран Заев на прес конференција во неделата истакна дека дадени се насоки за да се нарачаат 100.000 дози од руската вакцина „Спутник V“, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација.

„Во координација со министерот за здравство синоќа добив информација дека имаме капацитет, согласно планот за предвидување, склучените договори и платените аванси, да направиме дополнително и 100.000 дози нарачка од следна вакцина, којашто би го надополнила севкупниот план, а не би предизвикало да останат вишок вакцини соглансо планот на Министерството за здравство. Така што да одговорам на прашањето, да, би нарачале од „Спутник“, бидејќи има капацитет од дополнителни 100.000 дози, да се направи порачка и од таму. Сѐ што постои од вакцина, направивме нарачки, договори,“ рече Заев.

Изјавата на премиерот доаѓа откако се појавија недемантираните информации дека токму производителите на вакцината „Спутник V“ со месеци немале никаков одговор од македонските власти и надлежни тела на понудата за испораки на препаратот против Covid-19, и тоа во услови кога Македонија немаше никаков договор за набавка на вакцината, ниту имаше најави за помош од странство.

Истакна дека оваа недела се очекуваат и првите информации и од Европската Унија, од директниот договор со „Pfizer“, а понатаму преку Covax механизмот, а во последната недела од февруари се очекуваат и вакцините од Кина, а и планот што е направен за дополнителни нарачки.

„Верувам дека вакцинацијата ќе биде согласно предвидената динамика. Вакцините што ги добивме од Србија се за самите здравствени работници, до вчера беа вакцинирани околу 850 и продолжуваме понатаму. Очекуваме оваа недела да дојдат и останатите вакцини од Србија, кои досега се 4.680, со што ќе се дојде до бројката од 8.000, посочи премиерот.

Вакцинацијата во земјава почна во средата со првата пратка од 4.680 вакцини „Pfizer/BioNTech“ што ги добивме од Србија. Први се вакцинираат здравствените работници што работат во ковид центрите.

„Дали би нарачале од Спутник? Да, дадов насоки како што не информираа дека има капацитет за дополнителни 100 илјади да се направи од таму нарачка“, истакна Заев.

Додава дека „направени се нарачки и договори со се што постои од вакцина“.

„Воспоставени се контакти се со цел процесот на вакцинирање да не прекине и да продолжи во предвидената динамика“, вели Заев.