Заев: Ќе ги адаптираме укажувањата од Венецијанската комисија за Законот за јазиците

Укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците ќе ги испочитуваме и ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го кажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Прилеп, каде беше на увид на работите на клучката кај Технолошко-развојната индустриска зона.

-Уште кога дебатиравме и со самото донесување на Законот, рековме дека ќе ја чекаме Венецијанската комисија и ќе ја испочитуваме. Затоа намерата е да ја испочитуваме Венецијанската комисија која е добар репер за сите законски решенија од областа на правото и е прецизна за правосудството. Добро е што се поминува границата на европската употреба на јазиците, но сепак, нарушувате одредено право, а тоа е правото на еднаква, навремена правда и неспречување на правдата. Тоа е врвно човеково право и се однесува, буквално на сите, рече премиерот Заев.

Верувам, додаде тој, дека парламентарното мнозинство до крај тоа ќе го испочитува.

– Значи ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Веницијанската комисија го кажува и потоа ќе се пушти во Парламентот за негово донесување. Во разговорите учествуваа Министерството за правда, потпретседателот на Владата за европски прашања, мојот кабинет, одржавме неколку состаноци, неодамна беше и генералниот секретар на Венецијанската комисија, така што, сме усогласени, рече Заев.

Премиерот Заев посочи дека станува збор за Закон за употреба на јазиците, онака како што предвидува Уставот.

Тој нагласи дека законските решенија се авангардни дури и за европските конвенции и дека Законот за употребата на јазиците не е за да се прави тензија, туку да се разбираме сите и да се почитува Уставот.

Тој изрази уверување дека парламентарното мнозинство до крај тоа ќе го испочитува.

– Тоа ќе го направи СДСМ сигурно, а верувам сигурно тоа ќе го направат и нашиоте коалициски партнери зашто разговараме за оваа работа. Никој не сака да загуби предмет на суд или да биде неправично осуден, односно самата пресуда да не стигне, или каква било граѓанска постапка поради тоа што одредено друго право било надминато поовеќе од црвените линии, па правото на правда било нарушено. Тоа не смееме да го дозволиме. Секако сите други укажувања ќе ги адаптираме, истакна Заев.