Заев ќе користи само обезбедување, одбил службен автомобил, возач и апанажа

Од сите привилегии што законски ми следуваат како поранешен премиер, јас ќе го искористам само обезбедувањето, а ќе се откажам од апанажата, од службеното возило и од возачот.

Ова експремиерот Зоран Заев го изјави вчера за порталот „А1Он“, откривајќи дека планот му е да се вработи во една од семејните фирми и да користи возила што се во сопственост на фирмата, а не на државата.

Според Законот за Влада, тој има право да користи привилегии вкупно четири и пол години, односно толку време колку што ја извршуваше премиерската функција.

И во поглед на обезбедувањето, Заев вели дека ваквата привилегија ќе ја користи делумно, иако законот предвидува да му бидат доделени шестмина бодигарди од Министерството за внатрешни работи (МВР), кои самиот ќе си ги одбере и кои ќе го чуваат 24 часа.

– Апанажа нема да користам. Ќе се вработам во некоја од нашите семејни фирми, па возило ќе добијам од семејната фирма. Обезбедувањето ќе го користам делумно, како што предвидува законот – изјави Заев.

Привилегијата за шестчлено обезбедување на поранешните премиери е донесена во 2013 година преку измени на Законот за влада. Претходната власт на чело со експремиерот Никола Груевски го правдаше тоа со аргументот дека на тој начин ќе се зајакне позицијата на премиерот во борбата против криминалот и корупцијата, не стравувајќи од одмазда кога нема да биде на власт.

Интересно е тоа што тогашната опозициска СДСМ тогаш поднесе предлог-измени на законот со цел укинување на одредбата со којашто поранешните премиери ќе добијат долгогодишно лично обезбедување. Според тогашното образложение на СДСМ, немало потреба да се трошат пари за бодигарди, затоа што МВР има надлежни органи кои во случај на опасност ќе можат да се грижат за поранешниот премиер во зависност од проценката за ризик и со тоа ќе се заштедат повеќе пари во Буџетот.

Сепак, ваквиот предлог на тогашната опозиција не беше прифатен, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека е оправдано поранешни високи функционери да имаат 24-часовно обезбедување во времетраење колку што биле на функција, напоменувајќи дека во Македонија имало обиди за атентати на поранешни претседатели кои сè уште не се расветлени.

Експремиерот Никола Груевски, поради бегството во Будимпешта, не е во можност да ја искористи 10-годишната привилегија за лично обезбедување, но тој го искористил правото на апанажа уште пред да пребега во Унгарија.

Според податоците на Владата, барањето за апанажа Груевски го поднел на 19 јануари 2016 година, истиот ден кога на неговото место застана привремениот премиер Емил Димитриев. Груевски добивал плата од 84.514 денари, а од државата за една година добил вкупно 16.500 евра.

Димитриев, пак, не го искористил правото на апанажа, оти по престанокот на премиерскиот мандат одлучил да седне во пратеничката клупа, но го искористил правото за лично обезбедување во времетраење од година и шест месеци.

За разлика од поранешните премиери, поранешните претседатели на државата имаат најмногу привилегии по завршувањето на претседателскиот мандат.

Лично обезбедување, службен возач, посебен кабинет по негов избор и персонал од најмногу три стручни лица, платени материјални трошоци, како и пензија од речиси 2.000 евра, се привилегиите што ги доби поранешниот претседател Ѓорге Иванов по завршувањето на неговиот втор мандат.

Неговиот претходник, Бранко Црвенковски, пак, привилегиите ги искористи малку подоцна по завршувањето на претседателскиот мандат, затоа што му беа ставени во мирување додека раководеше со партијата СДСМ. Според Буџетот за 2018 година, годишните трошоци за еден поранешен претседател изнесуваат околу 160.000 евра.