Заев е лицемерен, од една страна е добар домаќин на дел од лицата од случаите со СЈО, а од друга страна попречува правда, оцени Мицкоски

На новинарското прашање: „Заев вели дека по промената на владата може да дојде до престанок на случаите на СЈО“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција одговори дека тоа е само уште една лицемерна политика на Заев.

-Тоа е уште еден дел од оние лицемерни политики на Зоран Заев. Од една страна зад завесата охрабрува преку негови засилувачи во рамките на Уставниот суд амнестија, а од друга страна јавно зборува за ова што вие го кажувате. Има начин како тоа да се обезбеди и како тие случаи нормално да го доживеат својот успешен епилог. Успешен, тоа значи дали ќе има осуда или ослободителна пресуда. Тоа е еден фер транспарентен судски процес што треба да се почека и да видиме како ќе заврши. Но, единствен, ќе ве потсетам, кој што во оваа држава обезбедуваше и договараше амнестија е токму Зоран Заев кога се обидуваше, се сеќавате, во рамките на парламентот да протурка иницијатива за измени на законикот, за измена на кривичниот законик, посебно на членот 353 и став 3 и став 5. Па, потоа јавноста се побуни, па потоа владата ретерираше дека всушност никогаш не доставила таков документ итн.“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Заев, од една страна, едно зборува во јавноста кога ќе излезе пред медиумите, а од друга страна е добар домаќин на лица кои се опфатени со тие предмети, и друго договара со нив на маса.

-Тоа го знаеме, јасно ни е, но тоа е реалноста на која ние се навикнавме да живееме. Таа стварност ќе ја поразиме во април 2020 и тогаш јавноста ќе види што е вистинска борба против криминалот и корупцијата и ќе биде сведок што значи нулта толеранција со криминалот и нулта толеранција со корупцијата. Инаку ние нема никогаш да си дозволиме, ќе повторам. едно да зборуваме во јавноста, а друго да зборуваме во кабинетите со луѓето кои што се опфатени од таков тип на случаи како што тоа го прави Зоран Заев“, рече Мицкоски.