Заев: Ќе побарам организирање лидерска средба за одложување на изборите

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција информираше дека ќе бара организирање на лидерска средба за одложување на изборите.

„Здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. Условите не дозволуваат нормално спроведување на изборите. Сега се треба да биде во заштита на граѓаните. Јас во името на СДСМ ќе побарам да се организира лидерска средба на претседателите на политички партии на која ќе се разговара за одложување на изборите. Сега не е време за политички противници и најважно е процентот на заболени да биде што помал и на излекувани да биде целосен. Време е граѓаните да бидат обединети“, рече Заев.

„Ние мора да ја донесеме оваа одлука заедно. Ова го предлагаме денес како најголема партија на власт. Исто така, мора да ги земеме предвид последиците од одложувањето на изборите врз економијата, но сите знаеме дека сегашната состојба ја прави ситуацијата непријатна со начинот на организирање на гласањето, избирачките места и слично. Се надевам дека заедно ќе изградиме позиција да ги одложиме изборите. Постојат неколку елементи кои утврдуваат кога може да се одржат избори, но главниот е јавното здравство“, рече Заев.